ПОСТОИ ОПАСНОСТ ДА СЕ СРУШИ НАСИПОТ НА БРАНАТА ЛИПА ВО НЕГОТИНСКО, НЕ СЕ ЗНАЕ ЧИЈА Е, ВЕЛИ ЦУК

    ПОСТОИ ОПАСНОСТ ДА СЕ СРУШИ НАСИПОТ НА БРАНАТА ЛИПА ВО НЕГОТИНСКО, НЕ СЕ ЗНАЕ ЧИЈА Е, ВЕЛИ ЦУКАко се излее браната ќе биде загрозен патот кој спојува неколку села. (Фото: ЦУК)

    Оштетената брана Липа во Неготинско протекува од многу места и има опасност од рушење на дел од насипот, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК) откако денеска на увид на терен беше директорот Стојанче Ангелов. Ако се излее браната ќе биде загрозен патот кој спојува неколку села.

    „Состојбата е многу сериозна оти од долниот тек на насипната брана, направена од земја и камења, истекува вода којашто наредните денови може да ги прошири отворите од коишто истекува и може да дојде до делумно рушење на браната“, рече Ангелов кој на увидот беше со градоначалникот на Неготино Горан Стојанов.

    Освен што се знае дека браната е во државна сопственост, не се знае точниот сопственик, вели Ангелов. (Фото: ЦУК)

    Тој кажа дека браната е направена во 1970-те години од некоја земјоделска задруга, но е еден вид дива брана којашто не е во согласност со стандардите, а служела за напојување на добитокот и наводнување на земјиштето на жителие во село Липа. Проблемот настанал пред 15 години кога по силен дожд браната напукнала и покрената е постапка за реконструкција, па во 2015 со поддршка на УНДП и ЕУ е реконструирана во соработка со Водостопанствотот „Тиквеш“.

    Ангелов кажа дека реконструкцијата имала недостатоци. ЦУК го известил Водостопанство „Тиквеш“, но освен што се знае дека браната е во државна сопственост не се знае точниот сопственик бидејќи од „Тиквеш“ таа не е примена. Ангелов кажа дека ЦУК ќе ги контактира сите институции за да се утврди надлежност, за да се преземат мерки браната или да се санира или целосно да се испушти. Во моментов, ЦУК сугерира да има што помал зафат на вода.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира