ЖИТЕЛИТЕ НА ВОДНО БАРААТ ГЕРАСИМОВСКИ ДА ЈА ПОНИШТИ ДОЗВОЛАТА ЗА ГРАДБА ДО ПЛАЦЕВИТЕ НА ГРУЕВСКИ И МИЈАЛКОВ, ВЕЛАТ НЕМА ДА СЕ ГРАДИ КУЌА ТУКУ ХОТЕЛ

    ЖИТЕЛИТЕ НА ВОДНО БАРААТ ГЕРАСИМОВСКИ ДА ЈА ПОНИШТИ ДОЗВОЛАТА ЗА ГРАДБА ДО ПЛАЦЕВИТЕ НА ГРУЕВСКИ И МИЈАЛКОВ, ВЕЛАТ НЕМА ДА СЕ ГРАДИ КУЌА ТУКУ ХОТЕЛДека не станува збор за семејна куќа туку поголем објект односно хотел, според жителите, покажува и тоа што се предвидени 20 паркинг места на две нивоа, лифт со големина за 6 лица, 20 посебни собни единици и 30 купатила. (Фото: Фејсбук)

    Жителите од улиците Козара, Питу Гули и Салвадор Аљенде на Водно во Скопје, бараат градоначалникот на Центар Горан Герасимовски да го поништи одобрението за градба на фирмата „Маркеза“. Пред Нова година, инвеститорот почна да го сече зеленилото и да го оградува просторот за да гради објект според одобрение за градба издадено до ексградоначалникот Саша Богдановиќ. Парцелата се наоѓа веднаш до парцелите на експремиерот Никола Груевски и семејството Камчеви за кои сега се води судски процес.

    Жителите во писменото барање доставено до Герасимовски имаат наведено повеќе прекршувања на Законот за градба и сметаат дека тие се доволна причина ова штетно решение да се поништи и да се спречи во дел од населбата да настане урбанистички хаос.

    „Одобрениe за градба е дадено за еден спрат повеќе од дозволеното, замаскирано во галерија. Парцелата на која е дадено одобрение за изградба нема пристап до јавен пат, што значи дека не е изведена и не е можно по легален пат да се изведе никаква инфраструктура. Единствен начин за да се добие пристап е да се изгради нова улица на ридот која не е во Програма за уредување на градежно земјиште за 2022 година.  Според проектната документација, не се работи за објект со намена А0 – домување со посебен режим или подетално луксузно домување на едно семејство, туку за многу поголем објект од можни категории А3 – заедничко домување (дом за стари лица) или А4-времено домување (мотел, преноќувалиште) па дури и за хотел (Б5)“, се вели во барањето на жителите испратено до Општина Центар.

    Дека не станува збор за семејна куќа туку поголем објект односно хотел, според жителите, покажува и тоа што се предвидени 20 паркинг места на две нивоа, лифт со големина за 6 лица, 20 посебни собни единици и 30 купатила,

    „Според проектот за архитектура, во објектот се предвидени 10 спални соби и 7 купатила, а според проектната документација се предвидени 20 спални соби и 30 купатила. Општината не направила проблем за ова несовпаѓање според кое јасно се гледа дека објектот нема да биде семејна куќа туку ќе биде или мотел, преноќувалиште, дом или хотел“, велат жителите.

    По реакциите на жителите и советничката група „Шанса за Центар“, градоначалникот Горан Герасимовски во јануари побара Државниот инспекторат за градежништво да изврши вонреден инспекциски надзор на Деталниот урбанистички план (ДУП) за Водно. Но, досега информација дали тоа е направено не е дадена.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира