7 РОМСКИ СЕМЕЈСТВА ТВРДАТ ДЕКА МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ТРУД И СОЦИЈАЛА ГИ БРКА ОД ЦЕНТАРОТ ВО ВИЗБЕГОВО ЗАШТО СЕ ЗБОГАТИЛЕ ОД ПЛАСТИЧНИ ШИШИЊА

    7 РОМСКИ СЕМЕЈСТВА ТВРДАТ ДЕКА МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ТРУД И СОЦИЈАЛА ГИ БРКА ОД ЦЕНТАРОТ ВО ВИЗБЕГОВО ЗАШТО СЕ ЗБОГАТИЛЕ ОД ПЛАСТИЧНИ ШИШИЊАПо улиците сме 26 години. По 4-годишен престој овде, не вадат на улица. Каде ќе одиме? Имам 6 деца. Три ми одат на школо, тука долу во училиштето, вели Бекир (Фото:СДК.МК)

    Седум ромски семејства од групата која беше згрижена од под скопското Кале, а живееше под отворено небо со децата, треба да го напуштат прифатниот центар во Визбегово до утре.

    Како што вознемирени и уплашени тврдат, причината што ги иселува Министерството за труд и социјална политика оттаму, е што по еден член од овие седум таргетирани фамилии, нашле хонорарна работа од околу 10 илјади денари месечно.

    Место државата да ги мотивира сите да најдат работа или приватен извор на приходи и полека да се осамостојат, таа ги брка на улица. Со ваквата одлука на Министерството, тие се ставаат во дополнителен ризик како бездомници. Некои од овие луѓе работат со суровини (собираат пластични шишиња), други поинаку се снаоѓаат. Пробуваат да почнат живот. Со ваквата одлука се дестабилизираат овие луѓе, а страшен е притоа фактот што Министерството за труд и социјала притоа нема друго решение каде да живеат овие 7 семејства со деца“, реагираше денеска Тона Карева правна претставничка од Хелсиншкиот комитет за човекови права, која одржа прес-конференција во кругот на прифатниот центар во Визбегово.

    Хелсиншкиот комитет упатил писмо со кое бара МТСП да одговори зошто ги вади овие лица на улица, укажувајќи на фактот дека децата им одат на училиште и посетуваат редовна настава во школото во Визбегово. Карева реагира зошто на испратеното писмо до Министерството пред една недела, тоа сè уште не одговара и не ги кажува причините зошто од овие луѓе повторно ќе прави скитници и бездомници.

    Ерџан Бекир, кој со сопругата и семејството до 2018 година живеел под отворено небо, под Кале и кој има 6 деца, вели дека е пикиран „збогатен човек“ за отселување од прифатниот центар.

    „По улиците сме 26 години. По 4-годишен престој овде, не вадат на улица. Каде ќе одиме? Имам 6 деца. Три ми одат на школо, тука долу во училиштето. Апелирам до граѓаните да не поддржат, а до МТСП праќам поздрав кога ќе нè гледа, ќе нè слуша и чита. Пак ли да питачиме, да крадеме, што сакаат од нас!“, револтиран е Бекир.

    Дудије Асан не ја бркаат од прифатниот центар, ама нејзиниот син и нејзината ќерка кои нашле хонорарна работа, да.

    „Со мене живеат пет деца и тие одат на школа. Близнаците ми се најдобри во одделението. Но на син ми и ќерка ми кои се возрасни, кажано им е да го напуштат утре прифатниот центар. Син ми има 6 деца, ќерка ми две, едното е болно од епилепсија. Парите од хонорарот ѝ се потребни за лекови. Ние не излегуваме оттука. Нека дојде полиција, слободно“, вели Асан.

    Тивко со детенце во рака, додека сите зборуваа исплашени и на висок тон, се приближи до новинарите Валентина Усеинов.

    „Ве молам помогнете, немам каде да одам со 6 деца“, кажа таа.

    Министерството за труд и социјална политика вели дека и натаму ќе ги поддржува овие семејства и нема да дозволи прекин на наставата на децата на семејствата кои ќе мора да го напуштат центарот во Визбегово.

    „Министерството  преку Центарот за социјални работи на град Скопје ја следи состојбата со семејствата и заедно со граѓанските ромски организации ангажирани за поддршка на овие семејства сместени во Визбегово ќе продолжат да ја обезбедуваат поддршката на овие семејства и по напуштање на центарот. Според последните податоци сите деца се запишани во училиште, и користат организиран превоз од Центарот за социјални работи. Во текот на утрешниот ден ЦСР ќе стапи во комуникација со сите директори на училиштата каде децата посетуваат настава со цел да продолжи образовниот процес непречено”, ветува МТСП.

    Но, не дава одговор каде ќе одат овие семејства.

    „Лицата кои се сместени во Визбегово се сместени во привремени сместувачки капацитети, кои служат за времено згрижување, а не трајно домување и се користат во услови на социјален ризик и со престанувањето на овој основ , престанува и условот за сместување”, велат од Министерството за труд и социјална политика.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира