Јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ денеска сечеше дрвја на улицата Васко Карангелески во населбата Аеродром во Скопје. Граѓани на социјалните мрежи објавија слики од сечата, велејќи дека се сечат здрави дрвја, а не добиле никакво објаснување за сечата.
САКАМДАКАЖАМ.МК побара одговор на прашањрто зошто се сечат дрвајата и од градоначалничката Данела Арсовска, нејзиниот пиар тим и од директорот на „Паркови и зеленило“ Ангеле Сотировски.
Од кабинетот на Арсовска велат дека градоначалничката денеска по пријава излегла на увид и побарала од екипите на „Паркови и зеленило“ информација за сечата по што активностите биле прекинати.
„Наредната недела ќе имаме прес-конференција на оваа тема, односно за активностите на улицата Васко Карангелески и ќе ги објасниме сите постапки“, ни одговорија од кабинетот на Арсовска.
Директорот Сотировски не одговори на нашите прашања.
Арсовска за време на кампањата, но и на брифинг со новинарите пред три месеци, кажа дека во Скопје нема да се исече ниту едно здраво дрво.
А. АНТЕВСКА