ФРАНЦИЈА УТРЕ ГЛАСА ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛ, СЕ ОЧЕКУВА БИТКА МЕЃУ МАКРОН И ЛЕ ПЕН

    ФРАНЦИЈА УТРЕ ГЛАСА ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛ, СЕ ОЧЕКУВА БИТКА МЕЃУ МАКРОН И ЛЕ ПЕНсе очекува Макрон и Ле Пен да напредуваат по првиот круг од 12 кандидати, и да се борат во вториот круг на 24 април. (Фото: АП)

    Франција утре ќе гласа во првиот круг на претседателските избори, на кој има 12 кандидати од кои 2 ќе одат во вториот круг на 24 април. Актуелниот претседател Емануел Макрон, политички центрист, со месеци изгледаше дека ќе стане првиот претседател на Франција во последните 20 години кој добил втор мандат.

    Но, тоа сценарио се замати во завршните фази на кампањата. Инфлацијата и од цените на горивото, храната и енергијата што особено силно ги погодуваат домаќинствата со ниски приходи, последователно се вратија како доминантни изборни теми. Тие утре би можеле да насочат многу гласачи кон лидерката на екстремната десница Марин Ле Пен, политичката непријателка на Макрон.

    Макрон, кој сега има 44 години, убедливо ја победи Ле Пен и стана најмладиот претседател на Франција во 2017. Победата на поранешниот банкар, кој, за разлика од Ле Пен, е жесток поборник за европска соработка, се сметаше за победа против популистичката, националистичка политика во пресрет на изборот на Доналд Трамп во Белата куќа и гласањето на Велика Британија за напуштање на Европската унија во 2016.

    Во додворувањето на гласачите, Макрон има економски успеси на кои треба да укаже: француската економија се враќа побрзо од очекуваното од ударот на ковид пандемијата, со стапка на раст во 2021 од 7%, највисока од 1969. Невработеноста е намалена на нивоа што не се забележани од финансиската криза во 2008. Кога Русија ја нападна Украина на 24 февруари, предизвикувајќи ја најтешката безбедносна криза во Европа од Втората светска војна, Макрон, исто така, напредуваше во предизборните анкети, оти луѓето го поддржуваа како воен водач.

    Но, 53-годишната Ле Пен сега е поизгланцана, пострашна и поумешена политичка непријателка во нејзиниот трет обид да стане првата жена претседателка на Франција. Таа со месеци особено напорно водеше кампања за проблемите со трошоците за живот, кое е клучно за гласачите. Ле Пен, исто така, направи два извонредни подвига. И покрај нејзините планови остро да ја ограничи имиграцијата и да ограничи некои права за муслиманите во Франција, таа сепак се чини дека убедила зголемен број гласачи оти повеќе не е опасниот, расистички националистички екстремист, како што ја обвинуваат критичарите, меѓу кои и Макрон. Таа го направи тоа делумно со разблажување на дел од нејзината реторика и жестокост. А имаше и помош: претседателската кандидатура на Ерик Земур, уште поекстремен екстремно десничарски бунтовник повеќекратно осудуван за говор на омраза, ѝ помогна на Ле Пен да изгледа речиси мејнстрим во споредба со него.

    Второ, и исто така зачудувачки: Ле Пен вешто го заобиколи секој значаен удар поради нејзината претходна перципирана блискост со рускиот претседател Владимир Путин. Таа отиде во Кремљ да се сретне со него за време на нејзината последна претседателска кампања во 2017. Но, по војната во Украина, се чини дека тој потенцијален срам не ги сврте против неа поддржувачите на Ле Пен. Таа ја нарече инвазијата на Украина „апсолутно неодбранлива“ и рече дека однесувањето на Путин не може да се оправда „на кој било начин“.

    Ако нема некое монументално изненадување, и Макрон и Ле Пен се очекува повторно да напредуваат по првиот круг од 12 кандидати, и да се борат во вториот круг на 24 април. Анкетите покажуваат дека Жан-Лик Меланшон, лидерот на екстремно левата партија најверојатно ќе биде на третото место по провиот круг.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира