Владата ја укина мерката за задолжително носење маски во затворeни простории освен во здравствени домови, аптеки, јавни превозни средства (автобус, воз, авион, такси), установите за згрижување на стари лица и лица со посебни потреби, соопшти Владата по денешната владина седница. Одлуките од денешната седница стапуваат на сила со денот на објавување во Службен весник.
„Иако се укинува носењето маски во затворен простор, Владата силно ја афирмира препораката на Комисијата за заразни болести, маски во затворен простор да носат лицата над 65-годишна возраст, хронично болните и лицата со намален имунитет“, соопшти Владата.
Се укинува и мерката за задолжителна изолација на лица што имале блиски контакти со случаи позитивни на ковид-19, за кои останува мерката за носење заштитна маска во затворен простор во период од 7 дена од последниот контакт со лица со потврден ковид-19.
Владата одлучи и учениците од средните училишта да следат настава со физичко присуство без задолжително носење заштитни маски, а ќе може и да се организираат екскурзии и настава во природа во основните и средните училишта.
Исто така, се дозволува работата со физичко присуство на лекарските комисии за утврдување на надоместоци за попреченост и комисиите за утврдување право на помош и нега од друго лице.
Во последниве 24 часа се регистрирани 150 заразени од ковид од 2.290 тестови и 4 починати со коморбидитети. Според неделнит извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ),последнава недела има 31 отсто помалку заразени од коронавирус, а в болница се 63 болни.