СЕ РЕХАБИЛИТИРА ФАШИСТИЧКАТА ИДЕОЛОГИЈА, ОБВИНУВА СОЈУЗОТ НА БОРЦИ ОД БИТОЛА ПОРАДИ ОТВОРАЊЕТО НА КЛУБОТ „ВАНЧО МИХАЈЛОВ“

    СЕ РЕХАБИЛИТИРА ФАШИСТИЧКАТА ИДЕОЛОГИЈА, ОБВИНУВА СОЈУЗОТ НА БОРЦИ ОД БИТОЛА ПОРАДИ ОТВОРАЊЕТО НА КЛУБОТ „ВАНЧО МИХАЈЛОВ“Сојузот реагира и поради односот на македонската влада и смета смета дека со името на клубот се врши рехабилитација на фашистичката идеологија и на антимакедонизмот од минатото. (Фото: Сојуз на борци Битола)

    Сојузот на борците и граѓаните продолжувачи од Битола, како организација која се грижи за негување на традициите и придобивките од Народноослободителната борба и Антифашистичката војна на Македонија, упати јавен протест поради утрешното (сабота, 16 април) отворање на Клуб „Ванчо Михајлов ВМРО“ во Битола. Сојузот смета дека со името што се става на клубот се врши рехабилитација на фашистичката идеологија и се промовира историски ревизионизам.

    „Преку името на еден од најголемите експоненти на фашизмот и недвојбениот соработник на фашистичките главешини Хитлер, Мусолини, Анте Павелиќ и царот Борис III, се врши промоција и рехабилитација на фашистичката идеологија, милитаризмот и антимакедонските политики од времето на Втората светска војна. Се промовира историографски ревизионизам насочен кон негирање на НОВ на македонскиот народ и нејзините придобивки во поглед на афирмација на македонскиот нациоинален индивидуалитет и македонската национална држава и се врши навреда на македонското национално донстоинство“, пишува во јавниот протест.

    Тие го упатуваат протестот и поради односот на македонската влада, за која велат дека ја толерира промоцијата на ‘културен центар’ кој е именуван со името „Иван (Ванчо) Михајлов“, преку што директно и индиректно ја помага рехабилитацијата на фашизмот и антимакедонизмот од минатото. Истовремено и против индолентниот однос и молкот за формирањето на здружението од страна на претседателот на државата и Собранието, зашто сметаат дека на таков начин го одобруваат загрозувањето на македонското национално достоинство.

    Реагираат и на молкот и индолентниот однос на македонските политички партии за формирањето на клубот со што „го одобруваат ова јавно понижување на македонскиот народ и се солидаризираат со промоцијата на политики од минатото кои биле и се насочени против постоењето на македонската нација и македонската државност“.

    Утре во 14 часот, премиерот на Република Бугарија Кирил Петков ќе присуствува на отворањето на клубот „Ванчо Михајлов ВМРО“ во Битола лоциран на улицата Рузвелтова број 1. Ќе биде во придружба на бугарската потпретседателка на државата Илиана Јотова, актуелната министерка за надворешни работи Теодора Генчовска и поранешната министерка Екатерина Захариева и лидерот на ВМРО-БНД, Красимир Каракачанов.

    Пред отворањето се закажани неколку протести од македонски здруженија во Битола.

    Истиот ден министерот за надворешни работи на Македонија Бујар Османи со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на МЕПСО Орхан Муртезани ќе ја пречекаат владината делегација од Бугарија на работна посета на Коридорот 8 во МЕПСО Битола. Во 15:30 часот, двете делегации ќе го посетат далноводот кој тргнува од „Битола 2“ и е дел на проектот за енергетско поврзување на Коридор 8, наменет за реализација на интерконекцијата Северна Македонија-Албанија.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира