КОИ СЕ ТИЕ МАКЕДОНЦИ ВО БУГАРИЈА, ПРАША ЈОТОВА, ПЕТКОВ НЕ ОДГОВОРИ КОГА ЌЕ ДОЗВОЛИ ОТВОРАЊЕ МАКЕДОНСКИ КЛУБ ВО СОФИЈА

    КОИ СЕ ТИЕ МАКЕДОНЦИ ВО БУГАРИЈА, ПРАША ЈОТОВА, ПЕТКОВ НЕ ОДГОВОРИ КОГА ЌЕ ДОЗВОЛИ ОТВОРАЊЕ МАКЕДОНСКИ КЛУБ ВО СОФИЈАПетков и потпретседателката Јотова дојдоа во Битола на oтвoрањето на бугарскиот клуб „Ванчo Михајлов“. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Културниот центар „Ванчо Михајлов“ да биде мост меѓу двете земји и да помогне да се освојат срцата на двата народа; важно е да се искорени омразата и бугарската заедница во Северна Македонија да се чувствува рамноправно, рече премиерот Кирил Петков на отворањето на бугарскиот клуб во Битола.

    Дописничката на САКАМДАКАЖАМ.МК од Битола го праша бугарскиот премиер Петков кога Бугарија ќе дозволи Македонците таму да отворат свој клуб и македонски премиер да дојде на неговото отворање? Петков избегна конкретен одговор на ова прашање и само кажа дека со вакви локални активности народот ќе се чуствува поблизок.

    „Колку повеќе имаме локални дејности, колку повеќе од двете страни има врска и народот се чувствува како едно, толку подобро зашто политичарите доаѓаат и си заминуваат, а ваквите врски остануваат. Ваквите центри даваат основа за добрососедство“, рече Петков.

    Пред доаѓањето на Петков имаше протести на Широк сокак. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Истото прашање и го поставивме и на бугарската потпретседателка Илиана Јотова која одговори со прашање „кои се тие Македонци во Бугарија“, нагласувајќи дека досега до нив никој не поднел барање за отворање македонски клуб.

    „Кои се тие Македонци во Бугарија, дајте ми пример. Јас многу одамна се занимавам со таа тема, бев и десет години во Европскиот парламент, никој досега од ваша страна не побарал такво нешто“, рече Јотова.

    Понатаму, го игнорираше прашањето на новинарите зошто досега не ги примениле одлуките на судот во Стразбур во врска со правата за регистрација на македонските здруженија во Бугарија.

    Вкупно 16 добиени пресуди од Судот за човекови права во Стразбур има за кршење на правото на слободно здружување на Македонците во Бугарија, од кои 11 се на ОМО „Илинден Пирин“. Првата пресуда оваа организација ја добила пред Судот за човекови права во Стразбур во 2001. Ниту неа, ниту последователните 10 добиени пресуди, Бугарија ги спроведе до денеска. А ни останатите 5 што ги добиле „Македонскиот клуб за етничка толеранција во Бугарија“ и други подносители на тужби за кршење на човекови права од бугарските власти.

    Спроти клубот „Ванчо Михајлов“ на улицата Рузвелтова во Битола порано имаше еврејски куќи. Од Битола за време на Втората светска војна од бугарскиот фашистички окупатор беа депортирани над 3. 000 битолски Евреи.  (Фото: Ѓ. Личовски)

    Петков рече дека Бугарите во Македонија мора да се размноправни со другите народи и дека за бугарскиот интерес е важно државата еден ден да биде членка на Европската унија, зашто од тоа зависи стабилноста на Балканот.

    „Не може таа тема да ја користиме за внатрешнополитички цели. Треба да кажеме дека политичките цели се нешто друго, а ова е национален интерес и треба да работиме заедно, синхорнизирано сите. Ако немаме мир и стабилност на Балканот, ако не можеме да ги минеме границите, нашите бизнисмени да работат од двете страни на границата, народот да има една општа визија дека заедно можат повеќе, ништо немаме постигнато. Тоа е гледната точка за која треба да зборуваме“, рече Петков.

    Тој додаде дека двете влади работат на изнаоѓање на заедничко решение и дека „дури и темата за влез на бугарското малцинство во Уставот, за која толку многу се зборува, е всушност реална и може да се постигне“.

    Клубот беше отворен со интонација на бугарската, македонската химна, како и со маршот „Изгреј зора на слободата“. Улицата Рузвелтова во центарот на Битола беше затворена за минувачи и имаше силно полициско обезбедување. На отворањето присуствуваа педесетина лица, од кои мал дел битолчани.

    „Како Македонски Бугари бараме од Владата да се отвори уставот и да не запишат како државотворен народ, да го почитува договорот од 2017 и општата историја. Ако општата историја остане само празен текст од договорот од 2017 година, ќе е трагедија за нашиот народ овде, оти нашите деца ќе продолжат да учат лаги. Ние не сме малцинство, ние сме народот кој даде илинденци во Македонија и на целата бугарска нација“, рече Љупчо Ѓоргиевски од Бугарското здружение во Битола.

    Инаку, спроти клубот на улицата Рузвелтова во Битола порано имаше еврејски куќи. Од Битола за време на Втората светска војна од бугарскиот фашистички окупатор беа депортирани над 3. 000 битолски Евреи. Бугарија никогаш не се извини за учеството во холокаустот.

    Вчера, Сојузот на борците во Битола протестираше поради отворање на клубот „Ванчо Михајлов ВМРО“ во Битола и кажа дека со името што се става на клубот се врши рехабилитација на фашистичката идеологија и се промовира историски ревизионизам насочен кон негирање на НОВ на македонскиот народ.

    „Преку името на еден од најголемите експоненти на фашизмот и недвојбениот соработник на фашистичките главешини Хитлер, Мусолини, Анте Павелиќ и царот Борис III, се врши промоција и рехабилитација на фашистичката идеологија, милитаризмот и антимакедонските политики од времето на Втората светска војна“, рекоа од Сојузот.

    Сојузот на борците исто така реагира и на молкот и индолентниот однос на македонските политички партии за формирањето на клубот со што „го одобруваат ова јавно понижување на македонскиот народ и се солидаризираат со промоцијата на политики од минатото кои биле и се насочени против постоењето на македонската нација и македонската државност“.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира