БУГАРСКИОТ КЛУБ „ВАНЧО МИХАЈЛОВ“, ИМЕНУВАН ПО СОРАБОТНИКОТ НА ФАШИСТИТЕ, Е ОТВОРЕН ВО НЕКОГАШНИОТ ЕВРЕЈСКИ КВАРТ ВО БИТОЛА

    БУГАРСКИОТ КЛУБ „ВАНЧО МИХАЈЛОВ“, ИМЕНУВАН ПО СОРАБОТНИКОТ НА ФАШИСТИТЕ, Е ОТВОРЕН ВО НЕКОГАШНИОТ ЕВРЕЈСКИ КВАРТ ВО БИТОЛАКлубот е на улицата Рузвелтова каде има повеќе објекти во кои живееле Евреи, од кои дел се убиени во нацистички логор Треблинка по депортацијата во 1943. (Фото: СДК.МК)

    Бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“, кој носи име на личност во историјата препознаена како соработник на фашистите, е сместен на улица Рузвелтова во Битола, која до Втората светска војна беше дел од еврејскиот деснодрагорски кварт. На оваа улица има повеќе објекти во кои живееле Евреи, од кои дел трагично настрадале во озлогласениот нацистички логор Треблинка по депортацијата во 1943 година. На истата улица се наоаѓа и Пионерскиот дом, на времето еврејско улилиште, а во социјализмот го носеше името „Трајче Магловски“, по партизанскиот курир од село Смилево кој на 20 години беше застрелан од македонски соработник на фашистичка војска во село Лавци.

    Бугарскиот премиер Кирил Петков и потпретседателката Илиана Јотова вчера беа на отворањето на клубот на Бугарите во Битола.

    Соред книгата „Градби“ на хроничарот на Битола Александар Стерјовски, од некогашната улица Израелска, од пред хотелот „Солун“ до денешната Магаза на чија фасадата се препознаваат стилизирани Давидови ѕвезди, па сè до улица Рузвелтова и Гранд хотелот „Јевтиќ“ се протегал еврејски кварт од десната страна на реката Драгор кого Евреите го нарекувале Ла Мале. Тој се обликувал околу некогашното Француско улилиште, денес Работнички универзитет.

    Наспроти бугарскиот клуб се наоѓа куќата на Евреинот Челебон Франко убиен во Треблинка. (Фото: СДК.МК)

    Наспроти бугарскиот клуб се наоѓа куќата на Евреинот Челебон Франко. Според Стерјовски, вистински архитектонски бисер на квартот, а во поранешна сопственост на богатиот трговец со текстилни производи. Франко со семејството бил дислоциран во Еврејското гето и потоа завршил во Треблинка. По ослободувањето, подолго време во куќата живеел интернистот Хаим Абраванел чие име, поради заслуги во битолското здравство, од 2018 го носи Домот за народно здравје во Битола.

    Во близина се наоаѓаат и куќите на доктор Давид Барух, Жак Морис, Насим и Пепи Мизрахи, Соломон Талви, па и поштата била подигната на еврејски плац. На Рузвелтова е и таканаречаниот Пионерски дом, во минатото подигнат да биде училиште за децата од побогатата еврејска заедница. Има тврдења дека било изградено од Еврејската алијанса во Париз и со материјална помош на бароницата Хирш, а со работа отпочнало 1896 година. Празниот простор околу бил користен за еврејски собири и манифестации.

    На истата улица се наоаѓа и Пионерскиот дом, на времето еврејско улилиште. (Фото: СДК.МК)

    На веб страницата на Завод и музеј Битола пишува дека за време на фашистичката агресија, веднаш по окупацијата на Битола од германските и бугарските воени единици, започнал и теророт врз Евреите. На 11 март 1943 година, се случила најстрашната трагедија врз македонските Евреи. Од Битола, 3351 лице од еврејско потекло со другите Евреи од Македонија заклучно со 5 април беа одведени во логорите на смртта во Треблинка, од каде ниту еден Евреин од Македонија не се врати. 7.144 Евреи, или 98% од вкупното еврејско население од тоа време беа депортирани во Треблинка Дел од младите Евреи кои се извлекоа од блокадата се приклучија кон партизанските единици. Вгодина ќе се навршат 80 години откако Битола изгуби дел своите сограѓани.

    Во декември 2020, Еврејска заедница и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија јавно ја повикаа владата на Бугарија или државните официјални избрани политички авторитети – премиер, претседател, претседател на парламент – да се соочат со вистината за холокаустот врз Евреите во окупираните територии во Втората светска војна, за која пронацистичката влада во Царството Бугарија од тоа време е директно одговорна, и да се извинат и да ја прифатат одговорноста. Но, Бугарија никогаш не се извини за совето учество во погромот врз Евреите во Македонија.

    И Сојузот на борци од Битола завчера реагираше на тоа што како име на бѕгарскиот клуб се става Ванчо Михајлов, за кого рекоа дека бил еден од најголемите експоненти на фашизмот и соработник на фашистичките главешини Хитлер, Мусолини, Анте Павелиќ и царот Борис III.

    Сојузот на борците кажа дека со името што се става на клубот се врши рехабилитација на фашистичката идеологија и се промовира историски ревизионизам насочен кон негирање на НОВ на македонскиот народ.Сојузот на борците исто така реагира и на молкот и индолентниот однос на македонските политички партии за формирањето на клубот со што „го одобруваат ова јавно понижување на македонскиот народ и се солидаризираат со промоцијата на политики од минатото кои биле и се насочени против постоењето на македонската нација и македонската државност“.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира