АНТИФАШИЗМОТ Е ДЕЛ ОД НАШИОТ ИДЕНТИТЕТ, БУГАРИЈА ЈА ВРАТИ НЕДОВЕРБАТА СО „ВАНЧО МИХАЈЛОВ“, ВЕЛИ КОВАЧЕВСКИ

    АНТИФАШИЗМОТ Е ДЕЛ ОД НАШИОТ ИДЕНТИТЕТ, БУГАРИЈА ЈА ВРАТИ НЕДОВЕРБАТА СО „ВАНЧО МИХАЈЛОВ“, ВЕЛИ КОВАЧЕВСКИКовачевски вели дека имаме стратешка цел за влез во ЕУ, но достоинствено со својата национална гордост и посебност. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Македонските граѓани се определени за членство во ЕУ, но провокации кои ги повредуваат нашите чувства како граѓани ја загрозуваат таа определба, вели во видеообраќање премиерот Димитар Ковачевски по отворањето на културниот клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола. За Ковачевски отворањето на клубот на кој присуствуваше премиерот Кирил Петков и бугарскиот државен врв го поттикнува говорот на омраза и недоверба со намера да се поткопаат и да се стави под сомнение досегашниот напредок во дијалогот меѓу Скопје и Софија.

    „Од првиот ден на мојот мандат како премиер, реков дека не отстапувам од тоа разговорите меѓу Северна Македонија и Бугарија да се водат достоинствено и во духот на европските вредности. Кон оваа определба се придржувавме цел овој период. За жал, со последната посета на бугарската делегација во Битола се разбудија духовите од минатото поттикнувајќи го повторно говорот на омраза и недовербата против кои успешно се боревме. Оттука, целосно го разбирам и чувствувам гневот на граѓаните во изминатите денови“, вели Ковачевски.

    Во обраќањето премиерот вели дека антифашистичката определба на граѓаните е дел од нашиот национален идентитет со кој се гордееме во демократска Европа. Додава дека Република Северна Македонија е суверена држава и имаме должност да го чуваме нашето достоинство.

    „Имаме стратешка цел за влез во ЕУ, но достоинствено со својата национална гордост и посебност“, додава Ковачевски.

    Премиерот смета дека треба да продолжиме и да работиме на зајакнување на дијалогот и унаредување на односите меѓу двата народи до конечно решавање на спорот. Но, за тоа да биде успешно, како што вели ниедна од страните не смее да прави чекори назад.

    „Не смееме да дозволиме постојано враќање кон минатото и потези кои значат еднодневна политичка корист, а долгорочна штета на кревките односи кои ги градиме“, вели премиерот Ковачевски во неговото обраќање до јавноста.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира