Руските и белоруските тенисери и тенисерки добија забрана за настап на годинашниот Вимблдон поради руската инвазија на Украина. Со оваа одлука ќе бидат погодени и второрангираниот светски тенисер Данил Медведев и Арина Сабаленка, која се наоѓа на четвртото место на ВТА-листа.
Од почетокот на војната во Украина, играчите од двете земји настапуваа на турнирите без своите национални обележја.
Сабаленка лани стигна до полуфиналето на Вимблдон, додека Медведев, кој оваа година кратко беше светски рекет број еден, изгуби во четвртото коло. Меѓу познатите имиња кои ќе отсуствуваат се и Анастасија Пављученкова, Викторија Азаренка, Андреј Рублев и Карен Хачанов.
Тенискиот клуб Ол Ингленд, кој го организира Вимблдон, претходно се консултирал со британската влада дали да им се дозволи настап на овие играчи. Министерот за спорт Најџел Хадлстон изјави дека никој што го вее руското знаме не би смеел да игра на Вимблдон.
На Русија претходно ѝ беше забрането да ја брани титулата во Дејвис купот.