Набавката на цветен расад кој треба да ги разубавува јавните површини во Велес, ги скара општинските советници. Колку пари е потребно за оваа намена беше спорно за членовите на Советот, па тие еден час дебатираа и полемизираа на оваа тема. Со предвидената програма за уредување и заштита на животната средина се предвидува буџетот за уредување со цветен насад да се зголеми од 1,1 милион на 1,9 милиони денари, а по дебатата точката беше усвоена со 17 гласа „за“.
„Сакам градот да е уреден цветен, но во некое подобро време. Во време кога светот е во економска криза, кога цените на енергенсите се качуваат, кога храната поскапува, не се согласувам да се издвои поголема сума од предвидената за да се уредува. Тоа во овој момент не е неопходно“, кажа советникот Димитар Абрашев од Левица.
„Немаме за леб, а трошиме за чоколадо, велеше еден познат економист на јавноста. Ова најдобро го отсликува моментот со зголемување на обемот на средства наменети за хортикултурано уредување“, кажа Пандорка Прличкова од СДСМ, алудирајќи на изјавата „Ние сме лудаци, немаме за леб, а трошиме за чоколадо“ на ексминистерот за финансии Зоран Ставрески чуена во прислушуваните разговори.
Дел од советниците сметаат дека откако ќе бидат насадени, расадот ќе биде украден од неодговорни граѓани и дека е погрешен приоритетот при префрлањето на средствата.
„Не се работи за проширување на буџетот,туку префрлање од една во друга ставка. Ако во време на криза го прошируваме буџетот би прифатил критика, но вака таа воопшто не држи“, вели Даниел Јаневски од ВМР)-ДПМНЕ.
„Оваа измена се прави заедно со ЈКП ‘Дервен’. Констатирано е дека дел од дивите депонии кои ги има во градот се исчистени и не се потребни толку средства за таа намена и најдобро е да се префрлат за хортикултурано уредување. Како што растат цените на се, така пораснаа и на расадот“, кажа Петре Цилаков, раководител на секторот за урбанизам и животна средина.
П. ПЕЧКОВ