МОЖНО Е НАСКОРО ТЕТОВО ДА ОДИ НА НОВИ ИЗБОРИ ЗА СОВЕТ НА ОПШТИНАТА

    МОЖНО Е НАСКОРО ТЕТОВО ДА ОДИ НА НОВИ ИЗБОРИ ЗА СОВЕТ НА ОПШТИНАТАВладата во рок од еден месец треба да одлучи за тоа дали ќе има вонредни избори во Општината кои треба да ги распише Собранието. (Фото: СДК.МК)

    Многу е извесно дека наскоро, за еден до два месеца, во Општина Тетово ќе се распишат нови избори за советници во Советот на Општината. Причината за ова е што Општината, односно градоначалникот не успеал во законскиот рок да достави годишна пресметка за работењето на Општината за претходната година.

    „Вчерашната седница е кулминација на тоа што претходно се случуваше во Советот на Општина Тетово, како резултат на однесувањето на некои од советниците. Согласно законот, ако не е усвоена Завршната сметка на Општината за 2021 година, тоа е еден од условите за да се оди на нови избори за Совет на Општина Тетово. Денеска ние ги информиравме соодветните министерства кои треба понатаму да постапат. Ако Владата одлучи, тоа ќе значи распишување на нови локални избори за Совет на Општина Тетово. Законот е јасен, ако не се донесе Завршната сметка, исполнети се условите Советот да оди на реизбор, но за тоа одлука донесуваат други институции, а не Општината“, изјави градоначалникот Билал Касами.

    Опозицијата и градоначалникот Касами меѓусебно се обвинуваат зошто не е навреме доставена завршната сметка на Општината. Градоначалникот Касами вели дека опозицијата правела опструкции, додека пак таа вели дека градоначалникот е виновен што не ја завршил работата во законски определениот рок и дека тоа го направил намерно за да се оди на предвремени избори за Советот.

    „Тој тоа го сака. Неговите луѓе не го гласаа буџетот и завршната сметка, а тоа убаво се гледа од видеата снимени од деветтата седница на Советот. Најверојатно сака да отстрани некои од нив што му пречат, како што му пречиме и ние од опозицијата, но мислиме дека тој со ова многу ќе изгуби“, вели Хамди Сулејмани од Движењето „Подобро за Тетово“.

    На последната десетта седница на Советот на Општина Тетово, точка на дневен ред беше и Завршната сметка на Општината, но седницата не се одржа, бидејќи советниците не можеа да се договорат околу дневниот ред, а позицијата немаше мнозинство за да го усвои.

    Според законската постапка, Општината сега ги известила надлежните министерства дека Општината нема направено завршна сметка, министерствата за тоа треба да ја известат Владата, а таа во рок од еден месец треба да одлучи за тоа дали ќе има вонредни избори во Општината кои треба да ги распише Собранието.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира