ПЛАТАТА НА ТЕТОВСКИТЕ ПОЖАРНИКАРИ Е ЗГОЛЕМЕНА ЗА 8.000 ДЕНАРИ

    ПЛАТАТА НА ТЕТОВСКИТЕ ПОЖАРНИКАРИ Е ЗГОЛЕМЕНА ЗА 8.000 ДЕНАРИРешенијата за покачена плата во Противпожарната станица ги врачи градоначалникот на Билал Касами. (Фото: СДК.МК)

    Тетовските пожарникари добија нови решенија со кои од наредниот месец платите им се зголемени за 8.000 денари. Решенијата во Противпожарната станица им ги врачи градоначалникот на Општина Тетово Билал Касами.

    „Со овие решенија платите на пожарникарите им се зголемуваат од 6.000 до 8.000 денари во зависност од основната плата. Ова е наша заложба за подобрување на условите во кои работат пожарникарите и подобрување на услугите кои им ги даваме на граѓаните. Ова е најмалку што можеме да направиме за оваа единица“, изјави градоначалникот Касами на свеченото доделување на решенијата.

    Тетовските пожарникари со голема радост ја примија веста за покачувањето на платите.

    „Ова зголемување на платите многу ќе значи за нашите пожарникари кои секојдневно се на терен и неуморно се борат со бројните пожари во Тетовско. На годишно ниво имаме и над 600 интервенции и го опслужуваме целиот Долнополошки Регион. Сега состојбата со платите е подобрена, но треба да се работи и на добивање на нова опрема и возила. Нашиот возен парк е еден од најзастарените, а заштитната опрема што ја имаме во најголемиот дел ни е од странски донации“, вели Ука Алити, командир на Пожарната во Тетово.

    Синдикатот на тетовските пожарникари за време на мандатот на градоначалничката Теута Арифи во неколку наврати протестираше и бараше не само зголемување на платите туку и исплата на трошоците за прекувремена работа, работа во смени и ноќна работа. Дел од тетовските пожарникари поднесоа и судски тужби против Општината, барајќи ги средствата за кои велеа дека законски им припаѓаат. Градоначалникот Касами вели дека наскоро и овие средства што ги побаруваат пожарникарите ќе им бидат исплатени.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира