Од утре, автобусите на линиите 19 и 20 ќе продолжат да возат, велат од Град Скопје и додаваат дека проблемот со приватниот превозник „Макекспрес“ е надминат, односно исплатени му се парите. Од понеделникот не возеа автобуси на овие две линии, па жителите на Шуто Оризари беа отсечени од градот, немаа начин како да стасаат на работа, во улилиште или на лекар.
„Во договор со компанијата, од утре линиите ќе сообраќаат според редовниот возен ред. Градот Скопје за една недела на приватниот превозник му надомести средства во износ од осум милиони денари, а во текот на следните денови на приватниот превозник ќе му бидат надоместени скоро четвртина од наследениот долг кој Градот го има кон овој приватен превозник“, велат од кабинетот на градоначалничката Данела Арсовска.
Од Градот се надеваат дека вакви неприлики со јавниот превоз и повторно исклучување на линии од приватните превозници нема да се случуваат, затоа што, како што велат, „истото е на штета на граѓаните“.
Денеска и градоначалникот на Општина Шуто Оризари Курто Дудуш побара од градоначалничката Арсовска итно решавање на проблемот и да се пуштат автобуси од ЈСП, а не само приватни, кои си возат кога сакаат и до каде сакаат.
А. АНТЕВСКА