Благословени од големи семејни наследства и омажени или оженети со имотни сопружници, се најголемиот број од 60-тината судии кои наскоро заминуваат в пензија, почнувајќи од идниот месец, па во наредните година дена. Кај многумина од нив за личното и семејното богатство што го навеле во имотните листови во Антикорупциската комисија, пишува: „Не дал податок“.
Ветинг во судството не се спроведе. Судиите во Македонија, кои во принцип земаат најмали плати во регионот, според прикажаниот имот во анкетните листови, се богати и ситуирани луѓе. Но, никој до денеска не истражил како се стекнува богатство со илјада евра плата.
Истражувајќи со каков материјален статус заминува еден судија во Македонија во пензија, наидовме на голем број од овие 60-тина судии што пријавиле енормно голем имот. Антикорупциската комисија без закон за потекло на имотот на избраните и именуваните функционери, меѓу кои се и судиите, при проверките само констатира дали пријавеното е така.
Кај она што пријавиле како имот, кај оние судии кои ги опсервираше САКАМДАКАЖАМ.МК, многу ретко стои описот: „личен имот“ и „стекнување со договор за купопродажба“. Најчесто наведувале: „имот на брачен другар“, „наследство“, „имот на деца“, „подарок“, но во многу голем процент и „не дал податок“.
Покрај тоа што судиите ништо не купиле и немаат недвижнини на свое име, друга битна карактеристика е што многумина тргуваат со акции.
Апелациониот судија од Гостивар Зоран Теофиловски, член на Судскиот совет, против кого Основниот кривичен суд Скопје повеќе од една година не го почнува судскиот процес за финансиски злоупотреби против него, пријавил дека поседува куќа на Попова Шапка, стан од 80 метри квадратни во Скопје, деловен простор во Тетово, куќа од 300 квадрати во Тетово, стан од 100 квадрати во Тетово, накит вреден 20.000 евра, уметнички слики во вредност од околу 8 илјади евра, 40.000 евра од продажба на недвижен имот, два кредита од 75.000 евра, но и побарување од заем што го дал во износ од 25.000 евра.
Судијата Нухи Рустеми од Граѓанскиот суд Скопје кој работи на имотни спорови, во имотниот лист навел дека има куќа од 80 метри квадратни во тетовско, куќа од 60 квадрати на Попова Шапка, стан од 70 квадрати во Скопје, уште три стана во Тетово од 64, 50 и од 72 квадрати, две возила, две штедни книшки по 8.000 евра и 8 декари земја.
Со 190 хектари земјоделско земјиште во прилепско, вредно градежно земјиште од 2.000 метри квадратни во Битола, каде има и куќи од по 233 метри квадратни, плус уште една од 90 квадрати со приходи од жито, од продажба на плац, субвенции, приходи од други земјоделски производи, и околу 30.000 евра во банка во девизи и денари, се издвојува судијата Љупчо Савевски од Основниот суд Битола.
Уште еден земјопоседник, но со цела станбена зграда, за која навел дека ја стекнал како наследство, е судијата Ордан Митревски од Основниот суд Прилеп. Покрај зграда, поседува пет парцели земјоделско земјиште, пет пасишта и две куќи во градот. За целиот имот всушност пишал оти му бил од наследство.
Неговата колешка од Граѓанскиот суд Скопје Лилјана Зафировска-Петреска во личен, заеднички и имот на сопругот навела дека поседува: деловен простор во Скопје, исто и во Охрид, 5 стана во Скопје, стан за одмор во Стар Дојран, земјоделско земјиште, 4 ниви во Велестово – Охрид, 4 коли, градежно земјиште во Скопје на име на сопругот, акции и дивиденди, депозит на сопругот од 18.659 евра, банкарски сеф од 10.000 евра, денарски депозити во банка, фирма на сопругот.
Судијката Татјана Поповска-Николовска од Граѓанскиот суд Скопје исто така ќе има спокојна пензија, навела дека поседува куќа од 220 метри квадратни и два стана од 100 и од 50 метри квадратни на сопругот, потоа две коли, акции во вредност од 8.000 евра, 4.000 евра на сметка од продаден имот и колекции со уметнички слики.
Виолета Поповска, судијка во Граѓанскиот суд Скопје, е „најсиромашна“ идна пензионерка. Од 4 стана што ги пријавила, за 3 навела дека се на сопругот и на децата. Во имотниот лист има и куќа за одмор од 119 метри квадратни во Скопје, деловен простор, ниви, коли, уметнички слики… но сè на име на сопругот. Од личен имот оваа судијка ставила само денарска платежна картичка со сума од 35.000 денари.
Судијката Јованка Никодиновска од Апелациониот суд Скопје, во имотниот лист пријавила стан во Скопје од 119 квадрати, во Центар од 56 квадрати, стан во Охрид од 62 квадрати, стан за одмор во Стар Дојран од 58 метри квадратни, 4 коли, 81.000 евра на трансакциска сметка, акции на име на сопругот од 22.000 евра, 4.500 евра депозит во банка, и 5.500 евра готовина во денарска противвредност.
Овие повозрасни судии кои наскоро заминуваат в пензија се со многу имотни родители во длабока старост. 64-годишниот судија Томислав Бошковски од Основниот суд Тетово навел во имотниот лист дека на име на родителите има деловен простор вреден 50.000 евра, уште поголем деловен простор стекнат со наследство, куќа и двор од 100.000 евра на родителите, плацеви во Тетово – наследство, пиштол од наследство, накит од 4,5 илјади евра, 9.000 евра во банка од продажба, 5.700 евра заеднички имот, 15.000 евра имот на родители. За последните две суми не дал податок како се стекнати.
Судијката од Апелациониот суд Битола Петкана Јадровска, пак, в пензија си заминува со два стана, куќа, 5 ниви за кои навела дека ѝ се подарок, на сметка има 25.000 евра од продажба на куќа, 3.660 евра на сметка, а навела и приход од „рента“.
Судијката Фани Илиевска од Вишиот управен суд заминува в пензија со акции во вредност од 9.000 евра и по 33.000 евра депозит во банка на секое од двете деца, во денари. Нејзината колешка Владанка Панчурова-Сулејманова од истиот суд, од имот навела само стан и кредит.
Има и други кои навеле дека се задолжени, како на пример: Загорка Тноковска од Вишиот управен суд со 4 кредити, Лидија Мартинова од Врховниот суд со куќа, кола и 3 кредити, како и колешката Снежана Бајлозова со два стана, кредит за едниот и две коли.
Врховниот судија Киро Здравев, член на Судскиот совет, во имотниот лист во ДКСК пријавил дека поседува два стана во Скопје и во Штип, 24.000 евра заеднички пари со сопругата и два кредита.
Струмичкиот основен судија Ѓорѓи Маневски дал заем од 23.000 евра и има побарување на оваа сума. Не пишува откај му се парите што ги позајмил. Од имот поседува стан во Струмица од 89 метри квадратни на жена му, девизна платежна картичка од 21.000 долари на име на жена му, 75.000 евра личен имот, кредит од 13.500 евра. Кај графата основ за стекнување имот кај девизите, пишува: „Не дал податок“.
Освен даватели на заем, меѓу судиите што ќе се пензионираат наскоро има и такви што имаат побарувања по однос на „извршена работа“. Судијката Надица Марковска од Кратовскиот основен суд во имотниот лист покрај куќата во изградба, каде не дала податок како ги стекнала средствата, пријавила дека поседува и стан во Скопје, стан во Пробиштип и „побарување по основ на извршена работа“ во износ од 5.000 евра. Ова последново го пријавила како „личен имот“. Не навела каква работа завршила.
Судијата Драган Николовски од Кривичниот суд Скопје во имотниот лист не навел куќа, стан недвижнини, само дека поседува акции, навел приходи од продажба на акции, дивиденда и банкарски депозити во денари. Охридската судијка Јагода Трпеска поседува акции во вредност од 2.500 евра, Ѕвонко Младеноски од ОС Прилеп од 7.000 евра, а колегата од истиот суд Жарко Велески акции од 5.500 евра, дивиденда и куќа од 40.000 евра на родителите.
Кај судијката Василка Маринковиќ од Основниот суд Тетово, во имотниот лист пишува:„ Нема имот“.
А Ленче Манева, судијка од Основниот суд Штип од имот навела дека поседува куќа и „застава 101“ од 1977 година, од 250 евра.
Во текот на истражувањето дознавме дека постои страшен отпор од донесување на закон за потекло на имотот. Иако најавен уште од лани, изработката на овој закон не е мрдната од мртва точка. Работната група, во која неофицијално, има судии и јавни обвинители, воопшто не брза со пишување на законот.
Во меѓувреме, рејтингот на судството е апсолутна доверба од само два процента, а вкупно доверба одосум отсто. Граѓаните постојано се жалат на корупција во судството, додека МВР, Финансиската полиција и Обвинителството не ја откриваат и не гонат корумпирани судии.
С. К. ДЕЛЕВСКА