Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска денеска се извини затоа што изминатите 7 месеци немаше комуникација со медиумите, не одговараше на повиците на новинарите, ниту држеше прес-конференции или брифинзи и рече дека во иднина тоа ќе се смени. Главната причина зошто се создала таква слика во јавноста, како што кажа Арсовска, се големиот број затекнати проблеми. Рече дека изминативе 7 месеци таа и нејзиниот тим напорно работеле, но се соочиле со многу проблеми, тешка финансиска состојва, долгови од мината власт, не бил оставен ниту еден проект и затоа го немала посакуваниот почеток на мандатот.
„Иако во изминатите неколку месеци посветено работевме на решавање на постојните и затекнати проблеми, како и на новонастанатите проблеми од енергетската и економската криза, во јавноста се создаде впечаток дека комуникацијата со медиумите не е на потребното ниво. Затоа, би сакала денеска да ја искористам оваа прилика и да се извинам за вака создадената слика во јавноста. Мојата заложба секогаш била да има транспарентен и ефикасен систем и доследно спроведување на проектите во соработка со вас, јавноста и новинарите. Морам да искажам дека сум отворена и дека имаме отворена покана за целокупната јавноста и медиумите, во интерес на граѓаните, да ги проследат сите проекти кои ќе следат“, рече Арсовска.
Таа кажа дека нејзиниот претходник Петре Шилегов не ѝ оставил ниту еден проект, па затоа немало што да се работи во изминатиов период. Рече дека за да ги спроведе проектите кои ги вети потребно е време и дека од оваа недела почнува градежна офанзива во градот.
„Во изминатиот период силно се посветивме на потребните анализи, реорганизација во администрацијата и мобилизација на квалитетен кадар кој достојно ќе се носи со предизвиците, односно кој ќе се посвети на реализација на проектите од програмата за модерно Скопје. Затоа, денеска со задоволство можам да констатирам дека сме консолидирани и почнуваме со исполнувањето на проектите од мојата програма за модерно Скопје“, рече Арсовска.
Најави дека во наредните три месеци ќе се работи на изградба, реконструкција и асфалтирање на улици и булевари, фекална и атмосферска канализација и подигање нови зелени површини. Во првата фаза до 30 јуни ќе се реновираат 20 улици во Општина Ѓорче Петров, ќе почне реконструкција на булеварот Теодосиј Гологанов кај Клуб на пратеници и ќе се заврши улицата Есенинова, за која кажа дека досега не била пуштена оти била наследена со бројни проблеми. Летово ќе се заврши и улицата Васко Карангелески во Аеродром, каде рече дека нема да се сече дрворедот како што било планирано од минатата власт.
Предвидено е да реконструираат и улиците Бутелска, Перо Наков, Рузвелтова, Димо Хаџи Димов, Скоевска и Славка Динкова, како и продолжување на градежните активности на Универзална сала.
А. АНТЕВСКА