Времето е кратко и во прашање се денови дали во Софија ќе се погребе европската перспектива на Западен Балкан, вели министерот за надворешни работи Бујар Османи во врска со претстојниот состанок на Европскиот совет, на кој треба пак да се одлучува за почеток на пристапните преговори на ЕУ со Македонија и Албанија, нешто што зависи од бугарското вето.
„Се разбира времето е кратко. Во прашање се денови во рацете на Бугарија, земја која што во 2018 година ја врати европската агенда на Западен Балкан преку Самитот во Софија, потоа ја запечати таа агенда во Загреб во текот на нивното претседателство. Дали сега пак во Софија ќе се погребе, за жал, ќе користам таков збор, таа перспектива на Западен Балкан, очите на 18 милиони луѓе се свртени кон Софија каква одлука ќе преземе. Мислам дека граѓаните на Република Бугарија не сакаат да бидат кочничари на европската иднина на 18 милиони граѓани, бидејќи ова не е веќе прашање дали Македонија ќе ги продолжи преговорите, ова е прашање дали Западен Балкан има воопшто европска перспектива. Јас се надевам дека бугарските политичари ќе се издигнат на нивото на задачата која што ја имаат и нема да дозволат во Софија да се изгради споменик на гробот на најуспешната политика на ЕУ во последните 75 години, а тоа е политиката на проширување. Уште сум оптимист дека во овие турбулентни времиња секој ќе ја разбере својата улога, ќе преземе стратешко лидерство и ќе испрати порака кон граѓаните на Западен Балкан дека тие се тука во срцето на Европа, и дека еден ден ќе бидат дел од ЕУ“, кажа Османи на заедничката прес-конференција со хрватскиот колега Горан Грлиќ Радман во Скопје.
Хрватскиот министер за надворешни работи рече дека отворањето пристапни преговори би бил не само политички, туку и важен психолошки момент за македонските граѓани, кои 17 години чекаат тоа да се случи.
„Македонија направи сè што требаше, го смени и името, направивте големи реформи, покажавте дека сте проевропски и со отворањето преговори ќе се отвори и ново поглавје на европската перспектива“, изјави Грлиќ Радман.
Тој вели дека почетокот на пристапните преговори не е само во интерес на Македонија, туку и во интерес и на целата ЕУ, па и подеднакво и на Хрватска, бидејќи, како што кажа, мора да ја имаме пошироката слика на широката слика на случувањата.
Бугарскиот премиер Кирил Петков вчера кажа дека секоја одлука околу бугарското вето за македонските евроинтеграции првин ќе мора да помине во бугарскиот парламент.