КУЌИТЕ НИ ПАЃААТ, БАРАМЕ ДА СЕ ВРАТИ ДЕТАЛНИОТ ПЛАН КОЈ ГО УКИНА УСТАВЕН СУД ЗА ДА МОЖЕ И НИЕ ДА ИЗГРАДИМЕ ЗГРАДИ, ВЕЛАТ ЖИТЕЛИТЕ НА ТАФТАЛИЏЕ 1

    КУЌИТЕ НИ ПАЃААТ, БАРАМЕ ДА СЕ ВРАТИ ДЕТАЛНИОТ ПЛАН КОЈ ГО УКИНА УСТАВЕН СУД ЗА ДА МОЖЕ И НИЕ ДА ИЗГРАДИМЕ ЗГРАДИ, ВЕЛАТ ЖИТЕЛИТЕ НА ТАФТАЛИЏЕ 1ДУП-от за Тафталиџе 1 е донесен во 2013 и до неговото укинување во 2016 се дигнаат 4-5 десекатници со голем габарит на земјиште кое беше празен празен простор односно немаше куќи. (Фото: СДК.МК)

    Жителите на населбата Тафталиџе на улицата Теодосиј Гологанов, во близина на поранешната фабрика „Алумина“, бараат Општина Карпош веднаш да го донесе Деталниот урбанистички план (ДУП) Тафталиџе 1, кој во 2016 беше укинат од Уставен суд. Жителите на куќите, кои сега се заробени со згради високи 10 ката, бараат и тие да можат на нивните парцели да градат згради, велејќи дека условите во кои сега живеат се од минатиот век и куќите им се распаѓаат.

    Тие веќе три дена протестираат блокирајќи ја улицата Теодосиј Гологанов секој ден од 14 до 16 часот, а следен чекор, како што велат, е барање да присуствуваат на седница на Советот на Општина Карпош за да ги изнесат нивните проблеми и барања.

    „Бараме да се врати односно да се донесе повторно стариот план со кој и ние ќе можеме да си го решиме станбеното прашање, односно да се изградат згради. Ова е главен град и згради мора да има, не може да се живее во вакви услови. Околу нас се дигнаа 10-катници и тоа на земјиште што беше чисто односно немаше приватни имоти, а сега ние не може да градиме “, велат жителите на Тафталиџе 1.

    Деталниот урбанистички план за Тафталиџе 1 е донесен во 2013 година во времето на Стевчо Јакимовски. По донесување на планот на овој потег се дигнаат 4-5 десекатници со голем габарит, на земјиште кое беше празен празен простор односно немаше куќи и сопственици кои требаше да се обештетат. Како што велат жителите, нивните згради не почнале да се градат бидејќи воделе преговори со инвеститорите, за кои е потребно време бидејќи сопственици се повеќе семејства.

    „Додека ние се договориме со инвеститорот планот го укинаа, а мојата куќа веќе почна да се урива. На овој дел со планот се предвидени 3 згради од 10 ката. Не може на овие згради околу нас да им се даде толкава катност односно 10 ката, а сега нам да ни се намалува. Ги повикуваме советниците од Општината да дојдат да видат каде живееме па после да кажат дали треба да се донесе ДУП-от“, рече еден од граѓаните кој протестираше.

    Градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски вели дека ги разбира луѓето и нивните барања бидејќи имаат големи проблеми, но планот не може да се донесе оти советниците не го поддржуваат.

    „Новиот план за овој дел е нарачан да се прави во времето на мојот претходник Стефан Богоев. На сите советниците планот им е презентиран, но нема согласност да се донесе. Јас можам да гарантирам дека моите два советника ќе гласаат за него, но за другите не. На една парцела се јавуваат по неколку сопственици, па тоа се големи семејства и за да може да се решат нивните барања предвидена е толкава катност. Ние наскоро ќе го пуштиме планот на јавна анкета и ќе ја почнема постапката, но неговото усвојување зависи од советниците“, вели Јакимовски.

    Јакимовски во Советот на Општина Карпош веќе не е во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ откако минатат недела ја раскина, велејќи дека не може веќе да ги трпи изживувањата и притисоците од лидерот на опозициската партија Христијан Мицкоски.

    Во Советот на Општина Карпош СДСМ има 8 советници, ВМРО-ДПМНЕ 7, Левица 4 и по два советника имаат ГРОМ и независната советничка група „Независни за Карпош“.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира