ОХРИД И ЛЕТОВО БЕЗ УРЕДЕНИ ПЛАЖИ ДОДЕКА ВО СТРУГА СЕ ПРАВАТ НОВИ, МЕРКО ВЕЛИ ТУРИЗМОТ НЕ СМЕЕ ДА ТРПИ

    ОХРИД И ЛЕТОВО БЕЗ УРЕДЕНИ ПЛАЖИ ДОДЕКА ВО СТРУГА СЕ ПРАВАТ НОВИ, МЕРКО ВЕЛИ ТУРИЗМОТ НЕ СМЕЕ ДА ТРПИАгенцијата за просторно планирање и Министерството за транспорт сè уште не дале подлог за изработка на планот за уредување на плажите. (Фото: СДК.МК)

    Додека Општина Охрид го чека Планот за управување со Охридсколто крајбрежје од Агенцијата за просторно планирање и остана без уредени плажи, струшкиот градоначалник Рамиз Мерко покрај постоечките најавува и нови уредени современи плажи оти, како што вели, туризмот нема да трпи, мора да има плажи за туристите.

    „Струшките плажи ќе бидат со шанкови, лежалки, чадори и урбана опрема“, вели Мерко.

    Според него, за уредување ќе се издаваат и нови локации со што ќе се привлекуваат поголем број туристи.

    „Има дополнителни места кои ќе бидат плажи. Мислам дека во целост сите плажи ќе бидат во функција за гостите кои ќе дојдат во Струга за летните одмори. Имаме направено добра понуда“, вели Мерко.

    Мерко смета дека објектите на плажите не се дивоградби оти имаат легални договори и сè што е на државно земјиште, а го користат приватни лица го наплатува Општината.

    „Сите се легални, додека се договараме со централната власт како понатаму со плажите, ние мораме да ги искористиме и со нив да надополнуваме и дел од буџетот на Општина Струга“, додава Мерко.

    Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков вели дека уредени плажи по сите еколошки стандарди според препораките на УНЕСКО ќе има догодина, оти Агенцијата за просторно планирање и Министерството за транспорт и врски сè уште не ги имаат дадено подлогите за изработка на планот.

    „Не знам како ние ќе поминеме уште едно лето со неуредени плажи во смисла на привлекување туристи. Охрид мора да има уредени плажи и тука не гледам дилеми, секако по точни правила и прописи, но и после скоро две години сè уште не е изработен Планот за уредување на плажите“, вели градоначалникот Пецаков.

    Според него, УНЕСКО не бара слободни плажи туку уредени, а веќе постоечките на брегот на езерото се направени со легални проекти на Министерството за транспорт и врски.

    Оваа сезона уредени плажи во Охрид ќе има само на просторот пред хотелските и угостителските објекти.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира