Старата, ризична и тесна крстосница во штипската населба Сењак, на која што се случија голем број сообраќајни несреќи, целосно е реконструирана и проширена.
„Жителите на густо населената населба Сењак и на соседните кои гравитираат кон оваа крстосница ја истакнуваа потребата од нејзино проширување и целосно реконструирање, за што општината ги обезбеди проектот и градежните работи, а Министерството за транспорт и врски придонесе со 12 милиони денари“, вели градоначалникот на Штип, Иван Јорданов.
Ова министерство преку Светската банка ги обезбеди и средствата за асфалтирање на патот од Делчево до Тработивиште во должина од 5,3 километри.
„Првпат се асфалтира овој патен правец, кој е од големо значење за Делчево и за жителите на Тработивиште и на најоддалеченото село во општината, Разловци. Инвестицијата изнесува 22 милиони денари“, кажа градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски.
Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски при увидот на завршните работи на овој пат изјави дека се предвидени 800.000 евра за рехабилитација на локални улици и патишта во Општина Делчево.
Т. ЈОВАНОВСКИ