Во Битола за првпат се организираше берза на винили во склоп на младинскиот арт фестивал „Битола отворен град“. На Широк Сокак десеттина излагачи им понудија на музичките познавачи и љубители, стотици плочи со цена и вкус за сечиј џеб.
„Плочите се вратија на голема врата, иако за нас како почитувачи на овој носач на звук, никогаш не излегле од мода. Плочите денес стануваат и работа на престиж. И кај повозрасните генерации кои веќе можат да зборуваат за свои богати колекции, а младата генерација винилите почнува да ги сака“, рече Марко Стојковски кој е дел од мрежата на винил берзи на Балканот.
Меѓу посетителите имаше познати колекционери на плочи од Битола, музичари, диџеи и пасионирани почитувачи на квалитетна музика. За првпат во Битола можеа да се купат плочи организирано на едно место, а тоа да не е онлајн купување. Битола има пасионирани колекционери на винили, но недостигаше едно вакво неформално собирање и дружба. Винилите, по една долга пауза се вратија на убав начин, грамофоните повторно стануваат важен сегмент од домашна хај-фај опрема, а некогаш беа ставени во заборав.
Фестивалот„ Битола отворен град“ по 21 пат го организира Младинскиот културен центар од Битола.
Ж. ЗДРАВКОВСКА