Штипјанецот Трајан Стојковски пред 23 години од една голема депонија создал екопарк во кој денес виреат над 1.000 стебла разни растенија и разноводни овошни насади. Најблискиот дол на жителите од населбата Дузлак пред две и пол децении бил полн со отпадоци, па кога Стојковски ја изградил куќата во непосредна близина до долот се зафатил на еден несекојдневен работен подвиг. Го изнел сиот шут и насобраното ѓубре и полека, ден по ден, почнал да го уредува просторот од еден хектар.
„Се што имаше од отпадоци, бодликаво растение, трње и слично го остранив, а водата која доаѓа од еден извор над населбата ја прифатив и формирав десетина минијатурни езерца. Водата каскадно истекува од еден во друг базен и се користи за наводнувањето на растенијата. Така, за повеќе од две децении се создаде вистинска ботаничка градина“ вели 66-годишниот пензионер Стојковски.
Екопаркот има и образовна содржина затоа што повеќе училишта за своите ученици организираат настава во природа. Учениците и сите други кои ќе го посетат овој екопарк можат да се запознаат со сите над 1.000 видови растенија и овошки што Трајан ги насадил.
„Во зависност од сезоната, посетителите можат да го пробаат родот од овошните насади, јаболки, круши кајсии, лешник, мушмули, црници, цреши, вишни, бадеми, ореви, дуњи и повеќе сорти грозје. Од ситногрмушните растенија, малини, капини, рибизли, додека од шумските растенија има липа, јасен, јавор, каталпа и други украсни дрвја, а од зимзелени растенија има чепмпрес, црн и бел бор, туја, а тука се и разни видови самоникнати тополи, врби и други слични растенија“, вели Стојковски кој овој проект почнал да го реализира кога заминал како технолошки вишок од Винарската визба во Штип каде работел со години.
Додава дека тогаш кога почнал да го гради екопаркот дел од соседите му се потсмевале дека така лесно не се гради, посебно на место кое повеќе личело на една голема депонија. Долот, со тек на годините комплетно е исчестен вклучувајќи ги и почвените наслаги кои веќе се оплеменети, а дека сега се работи за една здрава и чиста средина говори фактот што во паркот веќе виреат голем број растенија.
„Колку е вредна оваа градина, покажува и фактот што веднаш по формирањето на површината во пријатно катче голем број граѓани уживаат во сенките од големиот број дрвја и прекрасната музика што ја свират голем број птици кои исто така се дел од градината која како екопарк веќе е дел на Општина Штип. Локалната самоуправа уште во 2012 година стана најголемиот партнер на едукативниот екопарк насловен Виножито“, вели големиот штипски екологист Стојковски, кој ревносно и секојдневно го одржува и надоградува ова негово, како што го нарекува, природно ремек-дело.
Т. ЈОВАНОВСКИ