Новак Ѓоковиќ го освои Вимблдон по седми пат откако денеска во финалето го победи Ник Кирјос со 4:6, 6:3, 6:4, 7:6.
За српскиот тенисер ова беше четврта титула по ред на најпрестижниот и најстариот тениски турнир и сега има 21 гренд слем титула, една помалку од рекордерот Рафаел Надал и една повеќе од Роџер Федерер.
Во денешното финале во Лондон, Ѓоковиќ одбрани пет од шесте шанси за брејк на Кирјос и направи два брејка во вториот и третиот сет. Тој остана смирен во тај брејкот на четвртиот сет, кој го доби со убедливи 7:3.
Со денешниот триумф, Ѓоковиќ стана првиот тенисер во историјата кој има освоено два различни гренд слема по седум или повеќе пати. Освен седумте титули на Вимблдон, Ѓоковиќ има 9 на Австралија опен.