По целодневна едносмерна расправа, во нормална атмосфера кога зборат пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, а со силни свирежи и попречување кога реплицираат тие од СДСМ, но и со инцидент, заврши вториот ден од седницата за Информацијата од Владата за францускиот предлог за кревање на ветото од Бугарија и за преговарачката рамка за членство на Македонија во ЕУ. Има уште 20-тина пратеници пријавени за збор, седницата продолжува утре (сабота, 16 јули) во 11 часот. Таа за ребалансот на Буџетот, продолжува од понеделник.
За разлика од вчера, кога пратеникот Јован Јаулески од ВМРО-ДПМНЕ на говорница ја запали владината информација за францускиот предлог, денеска инцидент беше кошкање и пцости меѓу Димитар Апасиев од Левица и Мартин Костовски од СДСМ, зашто првиот го опцул вториот. Ги раздвои Горан Мисовски, потпретседател на Собранието.
Претходно се скараа претседателот Талат Џафери и Апасиев, еден на друг забележувајќи дека си се обраќаат со заканувачки показалец.
Претходно порано денеска, Апасиев во салата покажа и среден прст. За разлика од него, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ денеска ги колнеа колегите од СДСМ дека ќе гласале за Информацијата, односно за францускиот предлог.
Пратениците од СДСМ, пак, иако беа оневозможени да зборуваат од гласното свирење со вувузелите, повторуваа навалени блиску до микрофоните за загарантиран македонски јазик и идентитет, без подлабока аргументација за тоа што го тврдат.
Собраниската говорница денеска беше како тезга за сувенири, на неа пратениците редеа разни предмети, знамиња, книги. Во еден момент Џафери кажа:
„Во контекст на оваа иконографија што ја поставувате на собраниската говорница, ќе кажам: Ова е лоша пракса. Во иднина секој од нас може да го стави својот Гоце на говорница. Да не излезе дека не сум кажал“.
Вечерва нешто по 22 часот, кога Џафери ја затвори расправата за денеска, во салата останаа пратеници колку прстите на едната рака.
С. К. ДЕЛЕВСКА