Mинистрите за надворешни работи на Македонија и Бугарија, Теодора Генчовска и Бујар Османи, денеска во бугарското Министерството за надворешни работи во Софија го потпишаа вториот билатерален протокол за исполнување на Договорот за добрососедство и пријателство од 2017, согласно членот 12 од него. Претходно, се одржа состанок на меѓувладината комисија на кој се усвоија точките од Протоколот.
Потпишувањето на протоколот е дел од преговарачката рамка за почеток на пристапните преговори на Македонија со ЕУ.
По потпишувањето, Генчовска кажа дека Бугарија најсилно ја оддржува европската интеграција на Македонија и Албанија. Таа кажа дека средбата била корисна и бил забележан напредок во сите секторски групи, а сега останува да се исполни договореното за што ќе биде потребен сериозен ангажман од двете држави.
Османи кажа дека целта на средбата и на протоколот, потпишан 3 години после првиот, е да направи пресек на сработеното меѓу две средби на меѓувладините комисии и да направи пат за следното што треба да се исполни. Тој кажа дека имале конструктивни разговори, сработено е доста, има проекти, меморандуми со кои се отвораат можности за подобри односи и поблиска соработка заснована на меѓусебна доверба меѓу двете земји, „како блиски пријатели и сојузници во НАТО, а се надевам скоро и во ЕУ“.
„За нас е историска можност што после 17 години почнуваме пристапни преговори со ЕУ, очекуваме поддршка и блиска соработка со Бугарија на овој пат, во интерес на граѓаните на РСМ и на Бугарија чиј интерес е Зададен Балкан, а особено РСМ да се движи брзо кон членство во ЕУ“, рече Османи и додаде дека се надева оти ова е само почеток, и дека „се отвора ново поглавје за да се надминат сите предизвици и пречки на патот, за да продолжиме на тој пат на европска соработка“.
Во македонската делегација во Софија беа министрите Бојан Маричиќ, Благој Бочварски, Крешник Бектеши и Бисера Костадиновска-Стојчевска .
Од МНР најавија дека протоколот ќе биде објавен денеска веднаш по потпишувањето.
Во Членот 12 од Договорот за добрососедство со Бугарија се се вели:
„1. Во рок од три месеци од влегувањето во сила на овој Договор, двете Договорни страни ќе основаат Заедничка меѓувладина комисија. Комисијата се копретседава од Министрите за надворешни работи на двете Договорни страни и вклучува високи официјални претставници на двете Договорни страни.
2. Заедничката меѓувладина комисија ќе одржува редовни средби еднаш годишно, со цел преглед на ефективната примена на овој Договор, примена на мерки за подобрување на билатералната соработка, како и решавање на прашања, кои се појавиле за време на исполнувањето на Договорот. Секоја од Договорните страни може, по потреба, да предложи организирање на дополнителни средби на Заедничката меѓувладина комисија“.
Владата вчера ги разгледа и ги усвои заклучоците кои претходно ги изгласа Собранието и донесе одлука за одобрување на предлогот на француското претседателство од 30 јуни годинава, а првата Меѓувладина конференција која ќе го означи почетокот на пристапните преговори на Макеоднија со ЕУ ќе се одржи на 19 јули во Брисел.
Првата меѓувладина конференција е првата фаза од почетокот на пристапните преговори со ЕУ што ќе почне со скрининг на инстиутциите. Внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав е услов за втората Меѓувладина конференција и фактички почеток на преговорите со ЕУ, односно остворање на 34-те поглавја за преговори.