Во посебна декларација, дистрибуирана вечерва во Брисел од Министерството за надворешни работи на Бугарија, се укажува дека упатувањето во документите на ЕУ на официјалниот јазик на Македонија во никој случај не треба да се толкува како признавање од Република Бугарија на „македонскиот јазик“, објави бугарската национална телевизија БНТ.
Ова се случува пред утрешната Прва меѓувладина конференција меѓу Македонија и ЕУ со која почнуваат пристапните преговори во две фази – прво со скрининг на институциите, а отворањето на 34-те поглавја ќе почне откако бугарското малцинство ќе биде внесено во македонскиот Устав.
Во декларацијата се наведува и дека:
„Бугарскиот литературен јазик има шест регионални писмени норми (кодификации). Три од нив се засновани на дијалекти, а три на литературен бугарски јазик. Создавањето на ‘македонскиот јазик’ во 1944-1945 година во поранешна Југославија беше чин на секундарна кодификација (рекодификација) заснована на бугарскиот литературен јазик, дополнително ‘збогатен’ со локални форми, со што се симулираше ‘природен’ процес заснован на дијалектна форма“.
Декларацијата Бугарија ја претстави на состанокот на постојаните претставници во Брисел при гласањето за преговарачката рамка за пристапните преговори на Македонија со ЕУ.
Документот ќе го земе предвид Советот на ЕУ и ќе се земе предвид бугарската позиција. Оваа бугарска декларација за јазикот веројатно ќе биде и формулацијата на едностраната изјава на Бугарија која ќе се внесе во записникот на утрешното отворање на преговарачката рамка за Македонија.
Чешкиот премиер Петр Фиала, чија земја претседава со ЕУ следниве 6 месеци, вечерва објави дека Советот на ЕУ се согласи да ги отвори пристапните преговори со Албанија и Македонија.
„Направивме уште еден важен чекор кон приближување на Западен Балкан до ЕУ. Тоа е голем успех на нашето претседателство“, објави Фиала на Твитер.
Со мерки во три документи – Преговарачката рамка, Заклучоци на Советот и Билатерални протоколи – Бугарија утврдува мерки за строго спроведување на Договорот за добрососедство од 2017 со Македонија, што ќе го следи Европската комисија.
Бугарската министерка за надворешни работи Теодора Генчовска оваа декларација ја најави вчера, веднаш откако со министерот Бујар Османи го потпиша вториот билатерален Протокол меѓу двете земји за спроведување на Договорот за добрососедство од 2017.