Министерството за образование и наука донесе одлука за одземање на ингеренциите на Општина Тетово за именување и разрешување на директор на гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“. Како образложение на одлуката се наведува дека таа е донесена затоа што и покрај укажувањата и преземените мерки и активности од Државниот просветен инспекторат, Општината не обезбедила извршувањето на работите кои со закон се утврдени како нејзина надлежност.
Градоначалникот Билал Касами ваквата одлука ја смета како партиски реваншизам на ДУИ кон локалната самоуправа.
„Најпрво сакам да ве информирам дека одлуката за разрешување на поранешната директорка на гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ е донесена врз основа на предлог на средношколскиот совет каде што законот за средно образование ме обврзува да постапам по предлог од училишниот совет во рок од 15 дена. Одлуката е донесена врз основа на општинскиот ревизорски извештај од кој се констатирани низа прекршоци и финансиски злоупотреби со кои беше оштетен буџетот на училиштето. Оваа одлука на Министерството не може да се смета поинаку освен како продолжување на одмаздничкиот политики чин кон граѓаните на Тетово за поразот на локалните избори и затоа што оваа Општина не е управувана од актуелната централна власт“, изјави денес градоначалникот Касами. Тој го обвини Министерството за образование дека одлуката не му била доставена, туку за неа дознал од новинарите.
Во мај оваа година градоначалникот Касами ја разреши од должност директорката на тетовската гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ Теута Лала, инаку кадар на ДУИ, поради, како што беше речено, утврдени повеќе прекршоци и финансиски злоупотреби по извршената внатрешна ревизија на работењето на Гимназијата.
З. АНДОНОВ