Иако има зголемен број на новозаразени случаи со ковид-19, сепак земјата е се` уште во зелена зона, па Комисијата за заразни болести не препорача дополнителни заштитни мерки. На сила остануваат мерките да се носат заштитни маски во здравствни установи, аптеки, домови за стари и лица со попречености и во јавниот превоз.
Како што рече портпаролот на Комисијата за заразни болести д-р Злате Мехмедовиќ, тоа што државата е во зелена зона се должи на малиот број хоспитализации, околу 80 во цела држава, а за време на претходните ковид бранови достигнуваа до 500. Тоа значи дека четири петтини од болничките капацитети се слободни, а има и мала смртност поврзана со ковид компликации.
Мехмедовиќ рече дека најголем притисок од ковид пациенти во моментот чувствуваат матичните лекари. Со цел да им се помогне, а да се создадат и услови за побрза дијагностика и третман, во Скопје ќе се отворат пет ковид амбуланти.
„Ковид амбулантите ќе бидат сместени во просториите на Здравствен дом Скопје и тоа во петте поголеми поликлиники во Идадија, Ѓорче Петров, Јане Сандански, Ченто и Чаир. Со вака дисперзирани амбуланти ќе биде покриена цела територија на Скопје и граѓаните ќе можат најблиску до местото на живеење да добијат дијагностика и третман за ковид-19. Услугите ќе бидат подостапни. Работиме и на тоа да обезбедиме опрема, персонал и кадар за останатите градови“, рече Мехмедовиќ.
Во амбулантите ќе работат матични лекари со ротација, а не е дискутирано дали тоа дополнително ќе им се плати, но лекарите досега тоа не го побарале. Во амбулантите ќе се прават и брзи антигенски тестови. Ќе работат двосменски од 7,30 до 19,30 часот.
Кај 85 проценти од испитаните примероци со последните секвенционирања било забележано присуство на ковид варијантата БА5 која според досегашното искуство не предизвикува тешки форми на болеста и хоспитализации.
Ж. ЗДРАВКОВСКА