Газдите на летните дискотеки од Градскиот парк во Скопје го откажаа протестот кој требаше да се одржи во среда. Тие денеска имале средба со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на која им било ветено наоѓање решение за проблемот што не им се издадени лиценците за работа.
„Денес во МВР се оддржа состанок помеѓу преставниците на 4 летни дискотеки и министерот Спасовски за пронаоѓање решение и конечно отварање на летната сезона 2022. Очекуваме итна реакција на службите во Министерство за внатрешни работи. Во знак на добра волја го откажуваме закажаниот протест на 27 јули“, велат од менаџерскиот тим на клубот „Хавана“.
Сопствениците на летните дискотеки најавија дека ќе протестираат оти немаат добиено лиценци за работа иако имале платено за нив.
Од Министерството за економија велат дека не можат да им се издадат лиценци на клубовите додека не се добие позитивно мислење од Министерството за внатрешни работи. Од МВР пак велат дека барањата на клубовите во Градскиот парк се правно неиздржани, бидејќи немаат сообраќаен проект и имотен лист.
А. АНТЕВСКА