ИЗЛОЖБА ЗА НАЈБОГАТОТО СЕМЕЈСТВО ДАНАБАШ И ЗА ЕДНО ОД ТРИТЕ НАЈСВИРЕПИ УБИСТВА НА СТОЛЕТИЕТО ВО БИТОЛА

    ИЗЛОЖБА ЗА НАЈБОГАТОТО СЕМЕЈСТВО ДАНАБАШ И ЗА ЕДНО ОД ТРИТЕ НАЈСВИРЕПИ УБИСТВА НА СТОЛЕТИЕТО ВО БИТОЛАДел од изложбата е и свирепото убиство врз Петар Данабаш во 1928. (Фото: СДК.МК)

    Во Битола за првпат преку веродостојни архивски материјали е претставена животната приказна на познатата трговска фамилија Данабаш од почетоците на 20 век, која била толку богата што ја кредитирала и бројната турска војска во Битола. Но, и нејзината пропаст преку свирепото убиство врз Петар Данабаш во 1928 година, кое е впишано во аналите на Битола како едно од најгрозоморните, донекаде слично на она на Раскољников во „Злосторство и казна“ на Достоевски.

    Изложбата „Раскошот и проклетството на Данабаш“ ја подготви Битолското одделение на Државниот архив во старата битолска чаршија во рамки на Локум фест. Се состои од стари фотографии, разгледници, писма, написи и други документи од пред еден век.

    „Браќата Јанко и Петар Данабаш биле угледни трговци од Битола кои се занимавале со трговија со житни култури, бензин и петролеј. Тоа го наследиле од татко им Михаил Данабаш. Претставници биле на фирмата ‘Шел’ со стовариште во населбата Боримечка каде уште се чита натписот“, вели Катерина Груевски, помлад соработник за средување и обработка на архивски материјал.

    Браќата Данабаш, од кои Петар неженет, а Јанко со сопругата Хариклија и трите ќерки Хенриета, Кока и Клио, живееле во една од најубавите куќи на Широк Сокак која и денес постои и каде до неодамна беше сместен Хрватскиот конзулат.

    Полицијата го уапсила крадецот Рудолф Берглес од Загреб кој на 28 јуни 1928 година во 2 часот преку балконот и прозорот влегол во спалната соба и го убил Петар на спиење. (Фото: СДК.МК)

    „Семејството било едно најбогатите во Битола. Ќерките на Јанко секогаш биле елегантно и модерно облечени, па од тука потекнува изреката ‘не си ќерка на Данабаш’ која и денес е актуелна во Битола“, вели Јана Велеска, помлад соработник во Архивот.

    Браќата Данабаш, од кои Петар неженет, а Јанко со сопругата Хариклија и трите ќерки Хенриета, Кока и Клио, живееле во една од најубавите куќи на Широк Сокак. (Фото: СДК.МК)

    Семејството доживеало голема трагедија кога на 28 јуни 1928 година крадецот Рудолф Берглес од Загреб во 2 часот преку балконот и прозорот влегол во спалната соба и го убил Петар на спиење. Според неговото објавено сведоштво во весниците, го удрил со гумен пендрек пол со олово по глава, а потоа користел и нож.

    „Тука доаѓа тоа проклетството на дијамантите. Бил ѕверски убиен на спиење од страна на Рудолф Берглес кој го убил и му украл илјадници наполеони, златници, дијаманти, стар накит. Но, проклетството на дијамантите го фаќа и самиот Рудолф. При обид за бегство кога бил спроведуван во битолскиот затвор од страна на полицаец бил и убиен“, вели Елена Кирјази, помлад референт.

    Куќата на Данабаш и денес постои и во неа до неодамна беше сместен Хрватскиот конзулат. (Фото: СДК.МК)

    Според надгробниот споменик, Данабаш бил убиен на 58 години, а според написите на 62. Убиецот делото го извршил ладнокрвно. Во сведочењето раскажал дека откако еднаш легнал во затвор за кражба во Загреб, само што излегол, пак бил уапсен без вина и затворен, „го замразил цел свет, сите закони и човечката правда“. Решил ништо повеќе да не почитува и се што ќе му падне на памет , колку тоа сирепо и страшно да биде да го направи ладнокрвно.

    Откако му ја расцепил главата, ја ограбил касата што била во спалната соба на Петар, чиј клуч го чувал под перница. Однел 1.700 наполеони во злато, 30 стари дукати, 5.000 динари и накит. Се измолканл без да биде забележан, се шетал околу Драгорот, па избегал со велосипед.

    Тимот на Битолското одделение на Државниот архив што ја подготви изложбата. (Фото: СДК.МК)

    Бил упасен неколку месеци подоцна во Белград на среде Теразије, откако претходно разменил наполеон, стружен од двете страни, што го препознал братот на Петар, Јанко. Тој пак, бил во куќата за време на убиството, спиел во соседната соба, но ништо не чул. Дури утрото му паднало сомнително кога ја видел задната врата подотворена и го нашол братот во локва од крв.

    Ова дефинитивно е едно од трите најсвирепи убиства со разбојништва во Битола во последните сто години. Меѓу нив се и убиството на брачниот бар Цаглевски кои беа палени и убиени и на банкарска службеничка од другарка ѝ со тава по глава. Но, воедно е и една од двете најголеми кражби на богатство од стан заедно со онаа на бабата-милионерка од 2011, кога од под перница ѝ беа украдени 100.000 евра.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира