МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ТРУД ЈА ВРАТИ ПРЕТХОДНАТА ДИРЕКТОРКА ВО НАЈГОЛЕМАТА ГРАДИНКА ВО БИТОЛА И МУ ГИ ОДЗЕДЕ ИНГЕРЕНЦИИТЕ НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ КОЈ ЈА СМЕНИ

    МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ТРУД ЈА ВРАТИ ПРЕТХОДНАТА ДИРЕКТОРКА ВО НАЈГОЛЕМАТА ГРАДИНКА ВО БИТОЛА И МУ ГИ ОДЗЕДЕ ИНГЕРЕНЦИИТЕ НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ КОЈ ЈА СМЕНИОва е најголемата градинка во Битола со девет клона и обезбедува воспитно-едукативна дејност за 900 деца. (Фото: СДК.МК)

    Министерството за труд и социјална политика ја назначи претходната директорка Лидија Тфирст- Митревска повторно за директор на најголемата детска градинка во Битола „Естреја Овадија- Мара“. Истовремено, му ги одзеде ингеренциите на градоначалникот Тони Коњановски за назначување директор на установата и од директорската функција ја разреши Весна Лозановска која пред десет дена Општина Битола ја имаше поставено за в. д. директор.

    Тфирст-Митревска потврди дека завчера го добила решението од Министерството во кое пишува дека е назначена за директор од 25 јули годинава. Вели дека се враќа на директорската функција, за чие вршење во изминатите четири години не добиле поплаки од родители. Таа ја водеше градинката во еден мандат од времето кога локална власт во Битола беше СДСМ. Во нејзино време имаше реновирања во градинките кои не беа направени со децении. Тфирст-Митревска ја доби наградата „4 Ноември“ за посебни достигнувања од областа на социјалната заштита и посветеност кон градинките, а паричните средства ги донираше во Болницата во Битола.

    За директорското место во „Естреја Овадија-Мара“ беше објавен конкурс на кој Тфирст-Митревска конкурирше, а Управниот одбор во два наврати ја предложи за директор. Но на 25 јули, само неколку дена по истекот на рокот кога требаше да биде назначено лице по јавниот конкурс, Општината постави в. д. директор.

    И од Општината, во која локалната власт сега е предводена од ВМРО-ДПМНЕ, потврдија дека им стигнало решение со кое е одземена надлежноста за избор на кандидат за директор и дека тоа во траење од една година го презема Министерството.

    „Од страна на Општината, директорката која беше дадена како предлог од Управниот одбор не беше назначена поради реакции од страна на членови на Управниот одбор, за неправилности при изборот и сомнеж за веродостојноста на сертификатот по англиски јазик. Општина Битола претходно два пати се обрати до претседателката на Управниот одбор на градинката и до тогашната директорка Лидија Тфирст-Митревска, но документацијата не беше доставена“, соопштија од Општината.

    Министерството и во март годинава ѝ ги одзеде ингеренциите на Општината врз оваа градинка откако советничкото мнозинство не ја изгласа точката за избор на член во Управен одбор, програмата за работа, годишниот извештај и завршната сметка со позитивно салдо. Ова е најголемата градинка во Битола со девет клона и обезбедува воспитно-едукативна дејност за 900 деца.
    Одземањето на ингеренциите е само во делот на назначување директор, но од Општината велат овој случај негативно ќе влијае врз можностите за успешно работење на установата.

    „Имајќи ја предвид надлежноста на Општината, која секако треба да значи координирано работење на сите нивоа, а пред сè со директорот кој ја води установата, во интерс на реконструкција на објекти, изградба на нови капацитети, подобрување на условите во детските градинки, јасно е дека во овој случај негативно се влијае врз можностите за успешно работење на установата. Општина Битола, очекува во сите случаи, а посебно во ваквите, каде се во прашање најмладите и грижата за нив, делувањето на сите нивоа да биде без политички влијанија“, се вели во писмениот одговор на Општина Битола.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира