Кинески авиони и воени бродови денеска вежбаа за напад на Тајван, рекоа тајванските власти. Ова се смета за одмазда за посетата на претседателката на Претставничкиот дом на САД Ненси Пелоси, поради која Пекинг го прекина и дијалогот со САД во неколку области. Кратката ненајавена посета на Тајван на Пелоси ја налути Кина и поттикна невидени воени вежби во кои имаше и балистички ракети истрелани над главниот град Тајпеј. Кинеските вежби треба да траат до утре напладне.
Денеска, тајванското Министерство за одбрана соопшти дека повеќе кинески бродови и авиони извршиле мисии во Тајванскиот Теснец, при што некои ја преминале средната линија, неофицијален тампон што ги дели двете страни, движења за кои тајванската војска верува дека биле дел од симулациски напад на Тајван.
Тајванската армија емитуваше предупредување и распореди патролни сили за воздушно извидување и бродови за следење, а ги стави во состојба на боева готовност ракетите од брегот. Тајванското Министерство за одбрана соопшти дека доцна синоќа испукало ракети за да предупреди седум дронови кои летале над тајванските острови Кинмен и неидентификувани авиони кои летале над островите Мацу. Двете островски групи лежат блиску до југоисточниот брег на копното на Кина.
И покрај кинеските предупредувања, Пелоси пристигна во Тајван во вторникот, што е посета на највисоко ниво на островот од американската власт во последните децении. Поради тоа Кина презеде низа активности за одмазда, меѓу кои и санкции против самата Пелоси. Набргу откако вчера нејзината делегација ја напушти Јапонија, последната станица на еднонеделната турнеја во Азија, Кина објави дека го прекинува дијалогот со САД во голем број области, меѓу кои и меѓу воените команданти и за климатските промени. Прекината е клучната климатска соработка меѓу двете земји што доведе до историскиот климатски договор од Париз во 2015. Кинеското Министерство за надворешни работи соопшти дека ја суспендира и размената за борба против прекуграничниот криминал и трговијата со дрога. САД го нарекоа овој потег „неодговорен“.