ЕНТОНИ ДОД МЕНТЛ ЈА ДОБИ ЗЛАТНАТА КАМЕРА 300 НА „МАНАКИ“, ПОВЕЌЕ ПОЛИТИЧАРИ ОД ФИЛМАЏИИ НА ЦРВЕНИОТ ТЕПИХ ВО БИТОЛА

    ЕНТОНИ ДОД МЕНТЛ ЈА ДОБИ ЗЛАТНАТА КАМЕРА 300 НА „МАНАКИ“, ПОВЕЌЕ ПОЛИТИЧАРИ ОД ФИЛМАЏИИ НА ЦРВЕНИОТ ТЕПИХ ВО БИТОЛАДод Ментл на отворањето доби камера за да снима на сцената. (Фото: СДК.МК)

    Посетеност како годинешната на отворањето на Фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола не се памети во изминатите години. Еден час беше малку за гостите да продефилираат на црвениот килим. Но, меѓу нив имаше повеќе политичари, директори на установи и институции од актери, сниматели и други филмски работници. За жал, добар дел од гостите, без разлика од која професија доаѓаат, како и секоја година така и оваа ја напуштија салата по завршувањето на свечениот дел, а пред почетокот на филмската проекција, на францускиот „Мајка и син“.

    Најважниот објектив е оној во главата, рече Дод Ментл примајќи ја Златната Камера 300 за животно дело. (Фото: ИФФ Манаки)

    Наградата Златна Камера 300 за животно дело на филмскиот генијалец, оскаровец, пионер на дигиталната кинематографија Ентони Дод Ментл му ја врачи претседателот на државата Стево Пендаровски. Ментл рече дека нема да запре сега, нема да се предаде, наградата ја добива можеби во предвечерието на кариерата, но далеку е од крајот.

    Претседателот Стево Пендаровски со сопругата д-р Елизабета Ѓоргиевска на црвениот килим на „Манаки“. (Фото: СДК.МК)

    „На сите млади луѓе кои посакуваат еден ден да стојат овде на ова место, без разлика дали се занимаваат со фотографија или со кинематографија, би им рекол дека најважниот објектив е оној во главата, а најважното нешто што треба да го кажат треба да дојде од срцето, сето друго е академско. Она што вие автентично го имате е во овие две точки“, рече Дод Ментл.

    Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на црвениот килим на „Манаки“. (Фото: СДК.МК)

    Пендаровски при врачувањето на наградата го цитираше Бертолд Брехт.

    „Уметноста не е огледало во кое се огледува реалноста туку длето со кое критички се обликува она што често не е видливо во реалноста и она што општествените и политичките динамики сакаат да го затскријат. Фестивалските филмски манифестации треба да бидат јадрата на прогресивноста и во естетска и во поширока општествена смисла“, рече тој.

    Еден час беше малку за гостите да продефилираат на црвениот тепих. (Фото: СДК.МК)

    Од церемонијалното отворање, што го режираше Дејан Пројковски, највечатлив беше делот кога актерот Тони Наумовски, кој беше водител, на лауреатот Дод Ментл на сцена му даде камера барајќи да направи некој кадар со водителите. За тоа време Наумовски, заедно со актерката Маја Андоновска-Илијевски, изведуваа сцени од филмови. На крај актерката духовито рече „сега го имаме првиот македонски краткометражен филм снимен од оскаровец“. Церемонијата почна со песна од „Кум“ и настап на „Фолтин“.

    Дел од директорите на институции поставени од СДСМ (Фото: СДК.МК)

    Директорот на фестивалот Мони Дамевски рече дека деновиве Битола ќе биде едена од главните центри на светската филмска мапа и дека фестивалот прерасна во еден од главните културни идентитети на Македонија.

    „Тој е голем мост што ја поврзува македонската со светската кинематографија. На фестивалот на три различни локации ќе може да се погледне меѓународна филмска програма составена од најдобрите осварувања од Кан, Венеција Берлин, Оскарите и неколку други од најпознатите и најзначајните фестивали. Гости ни се филмски и телевизиски ѕвезди од многу земји во светот“, рече Дамевски.

    Дел од директорите на институции поставени од ВМРО-ДПМНЕ (Фото: СДК.МК)

    Тој ја врачи почесната Златна Камера 300 на Нејџел Волтерс, долгододишен претседател на Меѓународната асоцијација на кинематографери – ИМАГО и голем поддржувач на Фестивалот.

    Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, која е битолчанка и се присети на детството кога со голема љубопитност исчекуваа која ѕвезда ќе дојде на „Манаки“.

    „Како министерка за култура се радувам кога уметноста е прва вест, како вечерва. Во Битола на овој фестивал дојдоа многу познати имиња, но и од Битола заминаа многумина кои потоа станаа познати. Во Битола се роди првиот филм на Балканот, меѓу првите во Европа“, рече министерката.

    Наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ за исклучителен придонес во македонската кинематографија постхумно му беше доделена на филмскиот продуцент Горјан Тозија-Медо, а ја прими син му Горјан Петар. (Фото: СДК.МК)

    Наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ за исклучителен придонес во македонската кинематографија постхумно му беше доделена на филмскиот продуцент Горјан Тозија-Медо. Игор Иванов-Изи, претседателот на Друштвото на филмски работници (ДФРМ) рече дека постојат многу причини што нему му се доделува.

    „Најмалата е таа што тој ја измисли оваа награда. Во потрага по вистински систем на вредности, во време кога можеби некои вредности беа заборавени, тој се одлучи да ја воспостави оваа награди и му ја додели прво на Кирил Ценевски, токму во периодот кога беше малку заборавен. Фестивалот може да биде поделен на две епохи, пред и после Медо. Токму во времето на неговиот мандат кога беше директор ‘Браќа Манаки’ од значаен, но сепак регионален фестивал, прерасна во светски“, рече Изи.
    Наградата ја прими син му Горјан Петар Тозија, кој рече дека од него научил колку е тешка филмската професија и колку жртви бара.

    „Ми зборуваше дека нема краток пат до успехот. Знам дека понекогаш беше избувлив и гласен во своите идеи, ставови, но секогаш беше со најдобри намери. Неговата најголема желба беше да го одведе македонскиот филм и култура надвор од нашите граници“, рече Горјан Петар.

    Добар дел од гостите, како и секоја година така и оваа ја напуштија салата по завршувањето на свечениот дел, а пред почетокот на филмската проекција. (Фото: СДК.МК)

    Градоначалникот Тони Коњановски најави дека годинава првпат во Битола заживуваат два нови објекти на културата, киното „Манаки“ и Офицерскиот дом.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира