Повеќе напади со беспилотни летала против руски цели се пријавени на Крим и другите окупирани делови на Украина. Руските медиуми соопштија дека вчера бил спречен нападот врз пристаништето на западниот дел на Крим. Една од областите каде наводно биле нападнати руски цели е Севастопол, домот на руската црноморска флота на Крим. Регионалниот шеф Михаил Развозаев, инсталиран од Русија, не спомна причинета штета, но во објава на Телеграм рече дека украинско беспилотно летало било соборено над штабот на морнарицата и паднало на покривот на зградата.
Тој објави слика на интернет, велејќи дека никој не е повреден. Неколку други напади со беспилотни летала беа пријавени во текот на ноќта на Крим, вклучително и еден во воздушна база. Видеата снимени на Крим покажаа како руската воздушна одбрана пресретнува цели на небото над Севастопол, Евпаторија и Заоцерне. Руските окупаторски власти соопштија дека станува збор за украински беспилотни летала.
Непотврдените извештаи следат по низата напади врз руски воени локации и опрема на Крим во текот на изминатата недела, за кои Украина не презеде одговорност. Се чини дека непроверените видеа покажуваат чад што се издига од областа во Севастопол каде што е сместена руската црноморска флота. Полуостровот беше анектиран од Русија во 2014 година.
Изминатава недела руските државни медиуми објавија дека командантот на Црноморската флота, Игор Осипов, бил сменет поради неодамнешните напади на Крим. Новинската агенција РИА соопшти дека новиот началник на флотата, Виктор Соколов, им бил претставен на воените лидери во пристаништето во Севастопол. Во моментов се чини дека Москва се обидува повторно да ја вооружи својата опколена флота. Државните медиуми објавија дека адмиралот Соколов им рекол на група млади офицери оти во текот на годинава ќе добијат 12 нови бродови, заедно со дополнителни авијациски и копнени возила. Тој инсистираше на тоа дека флотата „успешно ги завршува сите задачи поставени за неа“ за време на инвазијата, објави руската новинска агенција ТАСС.