МИЈАЛКОВ НА 22 АВГУСТ ТРЕБА ДА ПОЧНЕ ДА ЈА СЛУЖИ КАЗНАТА ВО СТРУШКИОТ ЗАТВОР, ДОСЕГА НЕ ПОБАРАЛ ОДЛОЖУВАЊЕ, ВЕЛИ СУДОТ

    МИЈАЛКОВ НА 22 АВГУСТ ТРЕБА ДА ПОЧНЕ ДА ЈА СЛУЖИ КАЗНАТА ВО СТРУШКИОТ ЗАТВОР, ДОСЕГА НЕ ПОБАРАЛ ОДЛОЖУВАЊЕ, ВЕЛИ СУДОТМијалков има право на уште едно одложување од две недели, но во Основниот суд Охрид велат дека не побарал. (Фото: СДК.МК)

    Сашо Мијалков, осудениот на 3 години затвор и последниот од тие што признаа вина во истрагата за „Империја”, утре (22 август) треба да дојде во затворот во Струга и да почне да ја издржува казната, по едно искористено одлагање од здравствени причини. Бидејќи има право на уште едно одложување од две недели, САКАМДАКАЖАМ.МК се обрати до Основниот суд Охрид, дали побарал такво нешто.

    „Нема никаква промена, лицето за кое прашувате треба да се јави в понеделник во затворот Струга, да почне да ја издржува казната”, ни рекоа од Судот.

    На 19 август, според објавите на социјалните мрежи кои беа пренесни и во медиумите, поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) Мијалков го прослави раѓањето на внуката на забава во скопскиот хотел „Мериот“ во присуство на бројни личности од јавниот и бизнис живот во земјава.

    Пресудата на  Мијалков му беше изречена на 8 јули. Тој се спогоди за признание на вина со обвинителката Лиле Стефанова од ОЈО за организиран криминал и корупција и од судија во Кривичниот суд Скопје доби затворска казна од 3 години, која се лежи само навечер, во едно од затворските отворени одделенија, во Струга, Скопје, Струмица и во други затвори кај што ја има таа опција. Во рекорден рок, Мијалков потоа поднел барање до МВР за промена на адресата и веднаш добил нова адреса во Охрид.

    Од неодамна, во отворениот затвор во Струга почна да ја одлежува едногодишната казна и Орце Камчев, кој призна вина за „Империја“, признавајќи ги сите незаконски работи што ги правел со Мијалков, кои Стефанова им ги стави на товар. И во „Плацеви на Груевски“ Камчев ја раскажа целата шема на прикривање на плацевите на Груевски и на перењето на неговиот имот, по налог, како што рече, на Мијалков. Во отворениот затвор во Струга одлежува казна за „Рекет“ и Зоран Милески-Кичевскиот поради Камчев, кој го пријави заедно со Бојан Јовановски и Катица Јанева дека му барале рекет.

    Струшкиот затвор е со капацитет од 20 до 30 осуденици и нема шанса тие меѓусебно да се изолираат. Во затворот Мијалков ќе се соочи со своите некогашни блиски луѓе, кои го разобличија пред судот. Особено што меѓу нив е и Ненад Јосифовиќ, кој призна буквално сè што му се ставаше на товар на злосторничкото здружение во „Империја“, на чело со Мијалков и Камчев. Исто ќе се соочи и со Милевски, кој според еден протечен прислушкуван телефонски разговор има сметки за расчистување со него, околу некои приватни релации со неговата сопруга.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира