Во Општина Центар е поднесено барање за издавање дозвола за градба и на втората кула кај хотелот „Холидеј ин“ во најстрогиот центар на Скопје. Фирмата градител „МГ Фешн“ поднела барање за градба на деловната зграда која според доставениот проект ќе биде на 11 ката и поткровје. Првично, при презентација на комплектот, од „МГ Фешн“ беше кажано дека деловниот објект кој ќе се гради во делот што сега е паркингот на „Холидеј ин“ ќе биде на 15 ката, а станбените згради на 20 и 22 ката.
Градоначалникот Горан Герасимовски потврдува дека е поднесено барање за градба и за втората зграда и вели дека во тек се процедурите.
„Почната е процедурата за идавање дозвола за градба за втората зграда, но уште не се пресметани ниту платени комуналиите“, вели Герасимовски.
- СО КУЛИТЕ КАЈ „ХОЛИДЕЈ ИН“ ЗА 9 ПАТИ Е ЗГОЛЕМЕН БРОЈОТ НА ЖИТЕЛИ ОД ОНА ШТО ГО ДОЗВОЛУВА ГЕНЕРАЛНИОТ ПЛАН – ПРОТЕСТ НА „ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД“ И „ШАНСА ЗА ЦЕНТАР“
-
ИЗДАДЕНА ГРАДЕЖНА ДОЗВОЛА ЗА ПРВАТА ОД ТРИТЕ 20-КАТНИЦИ КАЈ „ХОЛИДЕЈ ИН“ ВО СКОПЈЕ
Првата зграда која ќе биде на 20 ката и со три подземни нивоа почна да се гради лани во ноември веднаш по завршување на локалните избори, а градежната дозвола потпишана од ексградоначалникот Саша Богдановиќ беше издадена пролетта. За оваа зграда градителите „МГ Фешн“ и Македонската православна црква (МПЦ-ОА) платија 2,4 милиони евра комуналии на Град Скопје и Општина Центар. На оваа градежна парцела нема приватни имоти односно куќи на граѓани туку чист простор кој беше државно земјиште, па потоа продаден од Министерството за транспорт и врски на градителот во времето кога министер беше Горан Сугерески од СДСМ.
Трите згради за 1.200 жители се наоѓаат само на една градежна парцела од вкупно три кои ги предвидува Деталниот урбанистички план (ДУП). Според Деталниот урбанистички план (ДУП), донесен во 2012 во времето на ВМРО-ДПМНЕ и кој не е усогласен со Генералниот урбанистички план (ГУП), а СДСМ пет години не успеа да го смени, просторот е поделен на четири парцели, од кои три се градежни и една е со намена плоштад со фонтана.
Според ДУП-от, 60-катници се предвидени и на другите две парцели каде всушност се наоѓаат куќите на жителите на Ново Маало, што значи дека кај „Холидеј ин“ ќе има уште згради кули, не само трите кои градителот ги презентираше во јавноста бидејќи нов ДУП нема, а Општина Центар нема абер да почне постапка за носење нов план. Сите содржини што сега се планираат се всушност според стариот Детален план, кој дозволува по 200.000 метри квадратни изградена површина на трите парцели, или вкупно 600.000 метри квадратни и 5.000 жители. Генералниот урбанистички план кој е акт од повисок ранг дозволува на сите три парцели да живеат 1.250 граѓани или 347 семејства, а сега само во првата парцела се предвидени 1.200 жители.
Такму поради тоа, Деталниот план е во спротивност на Генералниот план и тој воопшто не требало да биде одобрен од Град Скопје и Министерството за транспорт и врски. Тоа значи дека сега градителот ќе гради спротивно на ГУП-от, односно согласно ДУП во кој не биле запазени параметрите од повисок орган.
А. АНТЕВСКА