Веднаш по невремето излеговме на терен и интервенираме, велат од ЈП „Водовод и канализација“ во Скопје. Како што соопшти претпријатието, се чистат сливниците и шахтите заради нормална функционалност на атмосферската канализација. Со цистерни се испумпува водата од подвозниците и местата каде имаше поплави и заглавени коли.
„Со активностите спроведени од страна на екипите на претпријатието, ќе се продолжи се додека не се овозможи нормална функционалност во сите делови на градот“, велат од Град Скопје.
Скопје попладнево го зафати невреме во кое беа поплавени улици, куќи, искршени беа дрвја кои оштетија коли, а откорнати беа и кровови. Од кабинетот на градоначалничката Данела Арсовска соопштија дека попладнево е свикан Кризниот штаб на Град Скопје.
До петок ќе се задржи нестабилно време, претпладне претежно сончево, а во попладневните часови на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи. Локално процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен дожд, силен ветер, електрични празнења и појава на град, велат од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
А. АНТЕВСКА