ВМРО-ДПМНЕ од утре ќе почне со собирање на потписи за одржување на задолжителен референдум за раскинување на Договорот за добрососедство со Бугарија. Според лидерот на опозициската партија Христијан Мицкоски овој Договор е извор на сите проблеми за земјава и основата на која Бугарија ги темели своите максималистички барања.
Во наредните денови ќе се соберат 100 потписи кои ќе бидат, како што кажа Мицкоски, доставени до Собранието, кое треба да ја одобри иницијатива по што почнат роковите за собирање на 150.000 потписи за распишување на задолжителен референдум.
Референдумското прашање ќе гласи „Дали сте за напуштање на важноста на Законот за ратификација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Македонија и Бугарија од 18.01.2018“.
„Референдумскаото прашање ќе се однесува на Договорот за добрососедство кој Заев го потпиша со Борисов. Тој е извор и почетокот на сите проблеми за Македонија и основата на која Бугарија ги темелеше своите максимилистички барања. Раскинувањето на овој договорот ќе значи раскинување на барања за промената на учебниците, спорење на јазикот, историјата и културата“, рече Мицкоски.
Мицкоски очекува дека референдумот ќе биде успешен односно народот ќе се изјасни за штетниот договор со Бугарија и очекува дека власта нема да го бојкотира.
„Јас сум сигурен дека има проевропски политичари во Владата кои ќе го повикаат народот да излезе на референдум и така ќе гласаме за вистинската европска Македонија, а не Макеоднија под уцени и притисоци“, додаде Мицкоски.
А. АНТЕВСКА