ПОЧНА СУДЕЊЕТО ЗА ПОЖАРОТ ВО МОДУЛАРНАТА БОЛНИЦА ВО ТЕТОВО, ОБВИНЕТИОТ ЕКСДИРЕКТОР НЕ СЕ ЧУВСТВУВА ВИНОВЕН

    ПОЧНА СУДЕЊЕТО ЗА ПОЖАРОТ ВО МОДУЛАРНАТА БОЛНИЦА ВО ТЕТОВО, ОБВИНЕТИОТ ЕКСДИРЕКТОР НЕ СЕ ЧУВСТВУВА ВИНОВЕНСудењето беше прекинато поради тоа што двајца од тројцата обвинети не беа присутни. (Фото: СДК.МК)

    Во Основниот суд во Тетово започна судењето за пожарот во модуларната ковид болница во Тетово, но судењето беше прекинато поради тоа што двајца од тројцата обвинети не беа присутни, а исто така немаше ниту претставник од Клиничката болница, туку имаше само овластен застапник. Од обвинетите, присуствуваше само поранешниот директор на Клиничката болница во Тетово Флорин Бесими со свој адвокат, додека Артан Етеми, кој во тој период беше економски директор на болницата и д-р Бобан Вучевски беа отсутни.

    Откако судијата Јордан Велков ја утврди состојбата и констатира дека не се присутни сите обвинети, го одложи почетокот на судењето и го закажа за 14 октомври 2022 година. Од страна на обвинетиот Бесими беше побарано неговиот правен застапник да добие можност да изврши увид во доказите кои ги поседува судот. По завршувањето на рочиштето обвинетиот Флорин Бесими изјави дека не се чувствува виновен и е убеден дека судот ќе ја докаже неговата невиност.

    „Ве молам медиумите и јавноста да го следи овој процес бидејќи јас сум убеден дека судскиот систем ќе ја докаже вистината и само вистината. И јас сакам што побрзо да се обелодени и да се дознае вистината во овој случај“, изјави Флорин Бесими.

    На новинарско прашање дали се чувствува виновен Бесими рече:

    „Не, тоа ќе го докажам со докази“.

    На судењето беа присутни и дел од роднините на починатите во пожарот во ковид болницата, но никој од нив не сакаше да даде изјава.

    Во пожарот кој се случи на 8 септември во модуларната ковид болница во Тетово животот го загубија 12 пациенти и две надворешни лица кои во тој момент биле во болницата, а неколку пациенти беа спасени, но беа тешко повредени. Во страотниот пожар, кој избил во една од просториите на објектот, за неколку минути до темел изгоре целиот објект. Истрагата за пожарот траеше неколку месеци, а во неа, покрај домашните истражители, беа вклучени и форензичари од Германија. И двете екипи дојдоа до идентичен заклучок дека причината за пожарот е кратка врска настаната на продолжен кабел во една од просториите каде лежеле заболените од ковид-19, во моментот кога врз еден пациент се интервенирало со дефибрилатор кој бил приклучен на продолжниот кабел.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира