Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кажа дека со уставните измени за вметнување на Бугарите во уставот се отвора вратата за асимилација на македонскиот народ и поради тоа пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ нема да ги поддржи овие измени.
За време на денешната посета на Штип, прашан за одбивањето од страна на Талат Џафери на иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за референдум за Договорот со Бугарија, Мицкоски рече дека ако се влезе во вртлог со иницијативи ќе се испушти суштината, а, според него, тоа е да се спречи асимилаторскиот договор.
„Ако ние сега влеземе во еден вртлог на иницијативи а тој одбива, и тоа биде некоја тема, тогаш сме ја испуштиле суштината, а суштината е како да го спречиме овој асимилаторски договор да нанесе штета на идентитетот на македонскиот народ, тоа е суштината и вратата на која што се отвора можноста да се направи асимилација на македонскиот народ е токму промената на Уставот. Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ нема да подржи било каква промена на Уставот тоа треба да сте сигурни и сега кога ВМРО-ДПМНЕ е во опозиција условно кажано, но и наскоро од денеска кога ВМРО-ДПМНЕ ќе ја формира идната влада во Македонија, нема да поддржиме промена на Уставот и на тој начин отворање на вратата за асимилација на македонскиот народ која што директно значи удар врз македонскиот идентитет“, изјави Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека кога ВМРО-ДПМНЕ ќе ја формира идната македонска влада, подготвени се да седнат повторно на маса со бугарската влада и да преговараат за нов договор со Бугарија.
„Следната влада на ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да седне повторно на маса со владата во Софија и да ги репреговара овие околности кои што ние цениме дека се асимилаторски и се кочница за патот на Македонија кон полноправно членство во ЕУ, а не помагаат, да постигнеме еден вистински добрососедски договор кој што навистина ќе ги подобри односите кои што сега се на катастрофално ниско ниво помеѓу двата народа, македонскиот и бугарскиот и помеѓу двете држави Македонија и Бугарија“, вели Мицкоски.
Уставните измени за вметнување на Бугарите во македонскиот устав се услов за продолжување на пристапните преговори со ЕУ.