ПАНДЕВ ОБЈАВИ ДЕКА ЈА ЗАВРШИЛ КАРИЕРАТА

    ПАНДЕВ ОБЈАВИ ДЕКА ЈА ЗАВРШИЛ КАРИЕРАТАПандев вели дека и неговата иднина ќе биде поврзана со фудбалот (Фото: СДК.МК)

    Најдобриот македонски фудбалер Горан Пандев објави дека ја завршил играчката кариера на 39-годишна возраст. Неговиот последен клуб беше италијанскиот второлигаш Парма. Тој призна дека по 22 години играње веќе не ја чувствува некогашната страст.

    „Мојот најстар син има 13 години, а го гледав само во паузите меѓу две првенства. Сакам повеќе да му се посветам на семејството. Цело лето не мислев на фудбал и не тренирав. По играњето во Серија Б минатата сезона, неколку месеци не правев ништо. Имам 39 години и сè ти станува уште потешко“, изјави Пандев за италијанските медиуми.

    Сепак, тој и натаму се гледа во фудбалот, но во други улоги.

    „Ќе видиме што носи иднината. Тоа секако ќе биде нешто поврзано со фудбалот, зашто и не знам да правам ништо друго. Повеќе се гледам себеси како спортски директор или менаџер. Сакам да работам со млади луѓе и да им помагам“, вели Пандев.

    Пандев се пресели во Италија од струмичка Беласица во 2001 и со исклучок на една сезона во Турција, таму го помина остатокот од кариерата. Го носеше дресот на Специја, Анкона, Лацио, Интер, Наполи, Џенова и Парма, при што одигра речиси 550 натпревари во Серија А и постигна над 100 голови. Најголемите успеси ги оствари со Интер, каде што го донесе Жозе Мурињо и во 2010 ја освоија Лигата на шампионите.

    Низ годините Пандев стана икона и на македонската репрезентација, уривајќи ги рекордите со 122 настапи и 38 голови. Од неа се прости по минатогодишното Европско првенство.

    Г. КОНЕВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира