„Балкан енерџи груп“ (БЕГ) вели дека нема обврска зимава да испорачува топлинска енергија во домовите во Скопје, ниту пак имаат пари за тоа. На 27 јуни годинава Регулаторната комисија за енергетика ги одзеде трите лиценци на БЕГ, но беше кажано дека компанијата има обврска да овозможи парно греење во Скопје додека дејноста не ја презеде друга компанија.
Денеска од БЕГ соопштија дека таква обврска немаат бидејќи согласно член 51 од Законот за енергетика имале законска обврска да продолжат да ја извршуваат дејноста до истекот на рокот од 90 дена за избор на нов вршител на дејноста, кој е веќе изминат.
„Во овој период БЕГ Производство продолжи да ја врши дејноста и ги заврши сите неопходни ремонтни активности во топланите, со цел новиот носител на лиценца да може непречено да ја започне новата грејна сезона. БЕГ Производство нема правна основа за користење на топланите, бидејќи Договорот за закуп е раскинат и новиот сопственик на топланите побара примопредавање на истите. Дополнително, компанијата е финансиски неспособна за вршење на дејноста, поради големите загуби остварени во претходната грејна сезона, како резултат на неколкукратно зголемените трошоци за набавка на енергенси и електрична енергија кои не беа покриени со одобрените тарифи од Регулаторна комисија за енергетика“, велат од БЕГ.
Од компанијата додаваат дека договорот за деловно-техничка соработка со ЕСМ бил со важност до 31 март годинава односно тој е изминат.
По соопштението на БЕГ реагираа од Регулаторната комисија за енергетика од каде тврдат дека тие според Законот за енергетика мораат да вршат денес се` додека не се даде лиценца на друга компанија.
„Законот за енергетика кој доби и зелено светло од енергетска заедница во целост ги има инкорпорирано сите одредби од европската легислативата по однос на сигурно, стабилно и континуирано снабдување со енергија. Во тој дух и РКЕ ги носи одлуките со кои се прецизира дека се` до избор на нов вршител на посочената енергетска дејност, на актуелниот вршител не му престанува обврската за обезбедување на јавна дејност. Обврската за вршење на јавна дејност регулирано производство на топлинска енергија престанува со денот на издавање на лиценца или во случајов нов вршител на јавна дејност“, велат од Регулаторна комисија.
На соопштението на БЕГ реагираше и Владата од каде велат дека граѓаните на Град Скопје ќе имаат парно, и согласно Законот за енергетика загарантирана е јавната дејност да се врши во целост без прекин.
Постапката за доделување на лиценци за производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија на Град Скопје е во тек. На 13 септември беа отворени понудите, во тек е фазата на евалуација по што треба да се донесе одлука на владина седница. Понуди доставија само трите фирми на ЕСМ кои беа формирани за да ја преземат оваа дејност од БЕГ.
А. АНТЕВСКА