Повторно во Тетово се сечат дрвјата во градот, овојпат вчера беа исечени во комплексот познат како Стара пожарна. Оваа најнова сеча на дрвјата ја осудуваат и граѓаните и еколошките друштва.
„До кога аматери и кусогледи луѓе ќе ги кројат општинските политики? Кога ќе го исечете и последното дрво во градот и кога ќе ги бетонирате последните тревници, како тога ќе обезбедувате нови паркинг места? Дури тогаш ќе сфатите дека упропастувањето на тие малку зелени површини во градот за да се обезбеди некое паркинг место повеќе, не е и не може да биде решение за сообраќајниот метеж во градот“, реагираат од иницијативата „Тетово сака парк“.
Од Секторот за комунални дејности на Општина Тетово велат дека на овој простор било предвидено да се направат 100 паркинг места и дека тоа било по барање на граѓаните кои живеат во улицата Димо Гавроски-Кара позади Стара Пожарна, кои барале поправка на целата улица, поплочување со бетонски плочки, поставување улични светла и уредување на паркингот.
„Секторот за комунални дејности и заштита на животна средина и природа, според планот за реализација на јавните паркиралишта за 2022 година, на тоа место планирал реализирање на 100 затворени паркинзи. Според ДУП за блок 37, изготвен е основен сообраќаен проект за паркинг простор и за воведување на зонско паркирање. Целата работа е во координација со граѓаните што живеат на истата улица и се одвива без никакви проблеми“, соопшти Секторот за јавни дејности на Општина Тетово.
Пред неколку месеци, при реконструкција на улицата Мирче Ацев во центарот на градот беа исечени дваесетина големи дрвја кои беа на улицата што предизвика голем револт кај тетовци. На нивно место набрзо беа посадени нови садници, но на нив ќе им требаат години за да го вратат стариот изглед на улицата која важеше за една од најзелените во градот.
З. АНДОНОВ