Купишта ѓубре, искршени стакла и прозорци, расфрлани даски и друг градежен матријал е сликата во строгиот центар на Скопје, кај зградата на поранешна „Технометал-Вардар“ која сега е сопственост на фирмата „Буши фешн“. Овој дел од Скопје со години личи на некое напуштено и запуштено маало на периферијата од градот отколку на центар на главен град и никој, ниту Општина Центар ниту јавното претпријатие на Градот „Комунална хигиена“, не го чистат.
Откако зградата ја купи „Буши фешн“ за да ја прави хотел, не само што просторот е запуштен и валкан туку дополнително се создаваат и депонии со ѓубре. Плочникот е буквално покриен со ѓубре и измет, па оние кои минуваат од тука кон улица Македонија одат по извор на зарази. Под нозете крцкаат и парчиња стакло од искршените прозорци на објектот. Металните тараби од соседното градилиште на хотелот на „Бетон“ до зградата на ВМРО-ДПМНЕ се паднати и расфрлани. Приземјето на зградата е буквално затрупано се огромни купишта ѓубре. Просторот околу зградата ниту е ограден ниту заштитен и луѓе минуваат долу додека работниците го фрлаат од прозорците гредежниот шут и старата канцелариска опрема.
Ваквата ужасна слика никому не му пречи. Градот и Општина Цнетар велат дека е приватен имот. На само неколку чекори се наоѓаат низа државни институции, како што се Министерството за правда, Министерството за труд и социјална политика, Јавното претпријатие за државни патишта, ЈП „Македонија пат“, ЈП „Градски паркинг“, седиштето на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ. И сите министри, директори, помошници, советници, раководители кои работат во овие институции секој ден минуваат низ ѓубре и измет, а кога ќе отворат прозорец им смрди од депонијата, и никој не реагира.
Од фиримата „Буши фешн“ не сакаа да дадат одговор на прашањата на САКАМДАКАЖАМ.МК зошто прават депонија и зошто ѓубриштето не го одлагаат во посебни контејнери кои потоа ќе се носат на депонија. Ни рекоа дека сопствениците и одговорните биле во странство и со никој друг не може да разговараме.
Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски вели дека Општина Центар интервенирала, односно инспектори излегле на терен и ѝ изрекле опомена на фирмата „Буши фешн“ да го исчисти просторот.
„Веднаш откако е пријавено, во четвртокот е направен записник и доставена опомена до сопствениците за расчистување на теренот. Доколку во законски предвидениот рок сами не го исчистат просторот ќе им биде пишана казна и ние ќе интервенираме“, вели Герасимовски.
Од „Комунална хигиена“ на нашето прашање зошто не чистат околу објектот и се дозволува ваква слика во центарот во градот, велат дека објектот е приватен имот и неговото чистење е обврска на сопственикот.
„Доколку надлежен инспекциски орган констатира дека поради состојбата на објектот постои можност за загрозување на јавното здравје, тогаш треба да биде упатен соодветен налог за расчистување на дивата депонија до сопственикот на објектот. Доколку од страна на сопственикот не биде спроведено расчистување, инспекциските органи праќаат налог до ЈП Комунална хигиена-Скопје. Претпријатието досега нема добиено налог за интервенција во овој објект од ниту еден надлежен инспекциски орган“, велат од „Комунална хигиена“.
А. АНТЕВСКА