Градоначалничката Данела Арсовска не смета дека треба да си поднесе оставка, откако Скопје денеска за првпат во својата историја остана без јавен превоз. САКАМДАКАЖАМ.МК утрово ја праша Арсовска дали ќе си поднесе оставка од фунцкијата бидејќи граѓаните ги остави без автобуси и тие денеска не можеа да стигнат на работните места, болните на прегледи, учениците во школо, студентите на факлултет…
Арсовска вината ја префрли кон партијата со чија поддршка победи на локалните избори минатата година – ВМРО-ДПМНЕ, односно управниот одбор на ЈСП Скопје.
„Оставка треба да си поднесат одговорните за управување со ЈСП, односно Управниот одбор на претпријатието изгласан од ВМРО-ДПМНЕ“, ни изјави Арсовска.
Од ЈСП Скопје пристигна соопштение во кое се вели дека „утринава, дваесетина луѓе од ССМ и т.н. независен синдикат на ЈСП спречуваат возачите на автобуси редовно да си ги вршат своите работни задачи, спротивно на член 35 од Законот за Јавните претпријатија со кои се уредува начинот на штрајк“ Од таму велат дека „овие дваесетина лица немаат штрајкувачки одбор, ниту пак имаат пријавено редовен штрајк“ и дека „дури и во случај да го имаа редовно пријавено штрајкот, истите согласно Законот за јавни претпријатија мораат да обезбедат редовно функционирање на претпријатието додека трае штрајкот“.
Од Кабинетот на градоначалничката соопштија дека „Градот Скопје уште во текот на вчерашниот ден, а веднаш по завршување на вонредната седница на Советот на град Скопје изготви одлука за пренамена на средства со кои ќе се исплати септемвриската плата на вработените во ЈСП Скопје“. Од таму ги повикаа членовите на Управниот одбор на ЈСП назначени по предлог на ВМРО-ДПМНЕ да си поднесат неотповикливи оставки „поради доведување во заблуда на дел од вработените во претпријатието и предизвикување на прекин на работните задачи на вработените“, а „оние кои ги инструирале тие што штрајкуваат да им обезбедат правна помош бидејќи штрајкуваат спротивно на Законот за јавни претпријатија и работнички права и се кривично одговорни.
Арсовска е на функција една година. Главно ветување во кампањата на изборите на кои го победи ексградоначалникот Петре Шилегов ѝ беше токму јавниот превоз. Таа вети бесплатен јавен превоз за сите граѓани и набавка на 250 еколошки автобуси. И покрај тоа што деновиве Скопје е без јавен превоз, Арсовска тврди дека ќе го воведе бесплатниот превоз и тоа во втората половина на наредната година. Автобусите воопшто не ги споменува.
Од утрово, во Скопје нема јавен превоз. Автобусите на ЈСП Скопје ги нема на улиците бидејќи вработените немаат земено плата за септември, а раководството на претпријатието и на Град Скопје не најде решение. Градот Скопје вината ја префрла во Владата. Од Владата одговорија дека не должат ниту денар на Град Скопје, а за студентски билети не биле предвидени пари бидејќи студентите учебната 2021/2022 учеа онлајн.
За денеска во 13 часот е закажана нова седница на Советот на Град Скопје, на која треба да се донесе одлука од која ставка од буџетот ќе се пренаменат пари за плата во ЈСП.
На автобуските станици граѓани и ученици чекаа автобуси со часови, но освен приватните кои се ретки и ги нема на сите линии, други возила немаше.
А. АНТЕВСКА