СТУДЕНТСКИОТ ДОМ „ПЕЛАГОНИЈА“ И ЗГРАДАТА ДО НЕГО НЕМААТ ПАРНО ОТИ ДИРЕКТОРОТ НЕ ДАВА ЕКИПИ НА ЕСМ ДА ВЛЕЗАТ ВО ЗГРАДАТА И ДА ПУШТАТ

    СТУДЕНТСКИОТ ДОМ „ПЕЛАГОНИЈА“ И ЗГРАДАТА ДО НЕГО НЕМААТ ПАРНО ОТИ ДИРЕКТОРОТ НЕ ДАВА ЕКИПИ НА ЕСМ ДА ВЛЕЗАТ ВО ЗГРАДАТА И ДА ПУШТАТДиректорот на домот Агим Фејзулаху бара и станарите да плаќаат за одржување на потстаницата која е во „Пелагонија“. (Фото: СДК.МК)

    Студентскиот дом „Пелагонија“ во Скопје и зградата до него уште немаат парно, бидејќи на екипите на ЕСМ Дистрибуција на топлина не им се дозволува да интервенираат. Потстаницата за домот и за зградата која има три влезови и 72 станови се наоаѓа во просториите на „Пелагонија“ и за да добијат зградите парно треба да се интервенира внатре. Екипите на ЕСМ Дистрибуција на топлина неколкупати се оневозможени да го пуштат парното, оти директорот на домот Агим Фејзулаху бара и станарите да плаќаат за одржување на потстаницата.

    „Службените екипи на ЕСМ Дистрибуција на топлина во неколку наврати се обидоа да интервенираат на пумпата за улица Боте Боцевски бр. 18, која се наоѓа во студентскиот дом ‘Пелагонија‘ кој е на улица Боте Боцевски бр. 10. Овие два објекта имаат заедничка потстаница, а две посебни мерни места. За жал, од страна на службени лица на студентскиот дом ‘Пелагонија‘ е оневозможен пристап до топлинската станица и покрај образложението дека е потребно да се интервенира на пумпата која е поврзана со станбената зграда на улица Боте Боцевски, 18. За оваа ситуација е информиран преку е-пошта студентскиот дом ‘Пелагонија‘, за што  чекаме нивен одговор“, велат од ЕСМ.

    Директорот на студентскиот дом „Пелагонија“Агим Фејзулаху, пак, вели дека не е точно оти не ги пуштиле екипите на ЕСМ, туку тие сами си заминале откако им го покажале барањето за одвојување на трошоците со станарите.

    „И ние немаме парно, не само станарите. Според договорот кој беше потпишан со ‘Балкан енерџи груп’ (БЕГ) и според законот, потстаницата ја одржуваат оние во чиј објект се наоаѓа, што значи ние имаме обврска да ги покриваме сите трошоци за потстаницата и да ја плаќаме струјата. Досега тоа не беше проблем, но сега цената на струјата е многу поскапена, а од Владата имаме задолжение да штедиме. Ние баравме да се постават два струјомера и секој да си плаќа за потрошената струја. Вакво барање доставивме до БЕГ уште летото и не знам зошто уште не ни е одговорено. Имаа време да го решат ова наше барање цело лето. Сега, кога дојдоа за да интервенираат на потстаницата екипите, ние само им го покажавме барањето и тие си заминаа, не е точно дека не ги пуштивме внатре“, вели Фејзулаху.

    Од оваа грејна сезона парното греење во Скопје го презема ЕСМ откако на БЕГ му беа одземени трите лиценци за работа.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира