Избраниот претседател Доналд Трамп го избра директорот на „Ексон мобил“ Рекс Тилерсон за да го води Стејт департментот, отфрлувајќи ја загриженоста за блиските врски на бизнисменот со Русија, изјавија синоќа две лица блиски до транзициониот тим на Трамп. Исто така, овој избор го поставува Трамп пред потенцијална расправија со Конгресот околу прифаќањето на Тилерсон, кој има врски со рускиот претседател Владимир Путин. Трамп планира да го објави именувањето на Тилерсон денеска. Лицата блиски со неговиот транзиционен тим инсистираа на анонимност затоа што не биле авторизириани да ја откријат одлуката пред формалното објавување.
Меѓутоа, идејата за номинација на Тилерсон поттикна автоматска загриженост во Капитол Хил. Сенаторот Марко Рубио напиша на Твитер дека „да се биде пријател на Путин“ не е карактеристика која тој ја бара од еден државен секретар. На викенд интервју со „Фокс њуз сандеј“, Трамп ги фалеше длабоките врски на Тилерсон со Москва. Како главен човек на „Ексон мобил“, Тилерсон ги одржа блиските врски со Русија и во 2013 Путин го награди со медал за странски граѓанин.
„Голема предност е тоа што тој познава многу бизнис играчи, и тоа ги познава многу добро. Тој склучува огромни договори со Русија. Склучува огромни договори за компанијата“, рече Трамп.