Денеска повторно се испратени закани за бомби поставени во шест училишта во Скопје. Учениците и персоналот се евакуирани, а полицијата врши проверки.
Од полицијата велат дека денеска околу 14.30 часот е пријавено дека на мејл адреси на шест училишта во Скопје е упатена закана за поставена бомба. Веднаш по добиената пријава, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на училиштата и во тек се антитерористички проверки.
Во „Корчагин“, на главниот и на споредните влезови има полиција. Никој освен службените лица не смее да влезе во дворот. Училиштето е празно, откако пред половина час на учениците им беше наредено да ги напуштат зградата и дворот.
Минатата недела, почнувајќи од среда, три дена по ред пристигнуваа закани за бомби во неколку скопски училишта. Заканите беа лажни.
А. АНТЕВСКА