Секоја песна си има своја приказна, свој животен пат. Велешката традиционална песна „На Којник дуќан да имам“ е добро позната, песна, обнародена. А приказната за Петрета Витанчето, каде оделе сите млади моми да работат во поле, ја раскажа неговиот правнук Ѓорѓи Минов. Тој е внук на еден од синовите на Петре Минов- Витанчето. Прекарот Витанчето го добил оти потекнувал од селото Витанци што се наоѓа на патот кон село Војница, како попознато од овој дел на велешко или на патот кон село Оравоец.
„Петре Минов е роден 1869 година во Велес. Потекнува од работничко – земјоделска фамилија која тогаш имала голем посед на земја во две села Скачинци и Витанци. Одгледувале претежно афион и сончоглед. Тој како најспособен ја презел работата од неговите родители и таа добро му одела. Како резултат на тоа, на Којник, Петре отвора работилница за преработка на сончоглед и афионово масло. Истото го дистрибуирал со гемии, сплавови, по реката Вардар до Солун“, раскажува правнукот Ѓорѓи.
Работата добро му одела и тој бил познат меѓу Велешани. Шарлаганџилницата произведувала шарлаган, масло од сончоглед и афион.
„По кажувањето на дедо ми Ѓорѓи во работилницата работеле 30 момци, кои биле доста шеговити, мајтапчии, но и надарени песнопојци. Еден од нив ја составил и опеал оваа песна „На Којник дуќан да имам“. Бидејќи Петре добро плаќал, можел да избира кого ќе земе да работи, па земал помлади девојки. Додека вториот лик во песната Јован на Спасеви, кој според тапиите бил сосед на имотот од прадедо ми, тој не можел добро да ги плаќа аргатите и кај него работеле повозрасни жени. Еден од момците кој работел кај Петре, тоа го препеал, песната била прифатена и заживеала кај народот“, додава Ѓорѓи.
Во тоа време во Велес постоело и работело музичкото друштво ГРОМ, каде се свирело на жичани инструменти, гитари, мандолини, примови. Според раскажувањата на дедо му, таму членувале истакнатите македонски музички дејци Стефан Гајдов и Живко Фирфов, кои ја доработиле песната „На Којник дуќан да имам“. Познатиот велешки музичар Ало Тончов пак песната ја пеел по свадби и веселби.
Во однос на приватниот живот на Петре Минов, тој во 1899 се жени со Васа од познатото велешко семејство Киркови. Свадбата била на 10 октомври 1899. Добиваат три ќерки кои брзо умреле. Се раѓаат и два сина Мино и Ѓорги чиј внук е Ѓорѓи кој ја раскажува оваа семејна приказна. Во 1909 починала сопругата Васа, а Петре во 1920 се жени со штипјанката Љуба. Со неа има две деца Анде и Султана.
Петре Минов умира во 1927 година. Неговите две деца Анде и Султана загинуваат трагично, пролетта 1944 на куќниот праг, во бомбардирањето на сојузниците на Велес при повлекувањето на германските трупи од Грција.
П. ПЕЧКОВ